ПСЖ ПОБЕДИ ВО ТРКАТА ЗА САНДЕР САГОСЕН!

Францускиот ракометен шампион, ѕвездениот состав на ПСЖ не престанува со ангажманот на нови ракометни имиња. Најнова аквизиција во составот на Нока Сердарушиќ е еден од најдобрите млади ракометари, норвешкиот репрезентативец Сандер Сагосен. Иако уште неколку ракометни гиганти беа заинтересирани за потписот на еден од најдобрите млади ракометари во овој момент, ПСЖ успеа да ја добие битката и од сезоната 2017-2018 ги обезбеди услугите на Сандер Сагосен.

Потписот со најдобриот централен бек на Европското првенство во Полска, доаѓа по ангажманот на младите Беноа Конку и Недим Ремили, со што екипата на ПСЖ сериозно разлислува на формирање на тим на долги патеки кој ќе биде на самиот врв во светскиот ракомет во годините кои следуваат.

“Горд сум што потпишав договор со екипата на ПСЖ. Не се двоумев ни секунда кога дознав дека францускиот шампион е заинтересиран за моите услуги. Многу сум возбуден и среќен што ќе ја имам можност да се развивам и да учам од најдобрите светски ракометари”.-изјави Сагосен.

Задоволството по ангажманот на еден од најдобрите ракометни млади ѕвезди не го криеше ни извршниот директор на ПСЖ, Жан Клод Блан.

“Премногу сме задоволни што успеавме да ангажираме ракометар како Сагосен во нашиот тим. Тој е исклучително талентиран ракометар кој ја претставува иднината на ракометот и на нашиот клуб воопшто. Веруваме дека совршено ќе се вклопи во нашиот проект и ќе помогне во освојувањето на голем број на титули”.-изјави извршниот директор на ПСЖ, Жан Клод Блан.