Вечерва во спорскиот центар „Борис Трајковски“, машката ракометна репрезентација го одбработи редовниот тренинг пред реванш квалификацискиот меч за Светското првенство 2017. Македонија со пораз се врати од Злин, а високите шест погодоци предност ги доведоа Чесите на чекор до Франција. Македонскиот селектор Лино Червар се осврна на мечот во Злин, а покрај бројните причини за лошата игра, хрватскиот стратег истакна дека причината за големата разлика е во мотивот и желбата која беше на страната на домаќините.
ЧЕРВАР: Немавме континуитет. Почетокот не беше лош, до 20-та минута ја контролиравме играта без разлика на резултатот, но потоа паднавме. Бевме деконцентрирани, а знаеме дека за такви натпревари треба 100% ментално да бидеме подготвени за да го издржиме натпреварот. Тие беа физички подобро подготвени од нас, ние имавме многу играчи кои не се стандардни во своите екипи и затоа моравме да бидеме помудри. Она што ме загрижува е што во одреден период од второто полувреме престанавме да се бориме, а тоа воопшто не е добро.
Премалку дена бевме заедно по она психичко разочарување од Тунис, а два месеца се премалку за да се опоравиме. Сега само можеме да научиме од грешките и да се обидеме да се поправиме до среда. Во среда нашата екипа треба да биде таа која со борбеност ќе победи и секако да бидеме мудри кога во прашање е резултатот. Разочаравме во првиот натпревар, се очекуваше повеќе, но ако тие успеаа да нè добијат со шест голови разлика можеме и ние. Нема да биде лесно, мислам дека тие се екипа која игра тимски, добро беа подготвени за минатиот натпревар и покажаа поголема борбеност и желба за надигрување. Сега на нас ни е ред да го покажеме истото тука.
Меѓу позначајните фактори во бледото гостување на македонската ракометна репрезентација, селекторот ја потенцираше играта на капитенот од која во многу нешта зависи конечниот исход од натпреварите на Македонија.
ЧЕРВАР: Мал проблем ни е Кире, не затоа што е лош, бидејќи тој е еден од најважните играчи во изминативе десет години. Но Кире (н.з. Лазаров) ако не е топ, тогаш ниту Македонија не е на посакуваното ниво. Сите останати играчи се различни во својот стил и карактер, но Кире е прв стрелец на репрезентацијата и се надевам дека ќе биде малку повеќе подготвен(поздрав) отколку што беше, за да се обидеме да направиме резултат кој ни одговара бидејќи немаме друг избор. Со позитивна атмосфера мора да влеземе во тој натпревар и да дојдеме до посакуваниот резултат.
Хрватскиот стратег за крај се осврна на рецептот за успех по огромното изненадување и непријатен шок кој чешката репрезентација и го приреди на Македонија во Злин. Во среда Македонија ја пречекува Чешка во „Борис Трајковски“, а покрај публиката според Червар одлучувачки за конечна победа ќе бидат борбеноста и искуството на нашата репрезентација.
ЧЕРВАР: Натпреварот се гради во сите шеесет минути мораме да бидеме концентрирани и фокусирани никогаш да не губиме надеж и да не попуштаме. Сите заедно да се бориме во својот домен и ако дадеме сè од себе и ја почитуваме секоја топка тогаш можеме да бидеме конкурентни.


