ПСЖ во наредната сезона со највозрасниот голмански тандем

На изненадување на ракометната јавност, поранешниот словенечки репрезентативец Горазд Шкоф потпиша едногодишен договор со екипата на ПСЖ. Францускиот шампион за следната сезона состави одличен тим во кој предводници ќе бидат Омејер, Хансен, Карабатиќ, Абало, Генсхајмер, Степанчиќ… На плејадата ракометни ѕвезди ќе им се приклучи и 38-годишниот словенечки чувар на мрежата, кој оваа сезона настапува за Нант.

„Среќен сум што потпишав со ПСЖ, ме очекува нов предизвик во мојата кариера. Горд сум што ќе бидат дел од таква екипа и со нетпрение го очекува новиот предизвик.“-истакна искусниот Шкоф по потпишување на договорот.

Во својата богата кариера Шкоф ги бранел боите на Брезице, Кршко, Копер, Целје, Загреб, Горење, Требње, Кретеј и Нант.

Горазд Шкоф ќе биде преодно решение за управата на богатиот француски клуб, која ќе почека уште една сезона за да истече договорот на шпанскиот голман Родриго Коралес со Барселона. Тој ќе се приклучи на ракометниот гигант ПСЖ од 2017 година. Родриго Коралес моментално е на позајмица во полскиот вицепрвак Висла Плоцк, а со ПСЖ потпиша договор до 2020 година.