Иако Македонија го заврши настапот на Европското првенство на единаесетата позиција, Македонија ќе има свои претставници на финалниот ден во Краков. Македонската судиска двојка Начевски и Николов ќе ја имаат честа да ја делат правдата на натпреварот за трето место, а победникот од малото финале ќе обезбеди директен пласман на Светското првенство во Франција.
Финалниот натпревар ЕХФ го додели на најдобриот судиски пар во светот, Данците Гјединг и Хансен, кои и судеа на Македонија во првиот дуел против Франција, а ја делеа правдата и вчера на мечот меѓу Хрватска и Полска, кој заврши со сензационална победа на Хрватите за влез во полуфинале.
На полуфиналниот ден, на натпреварот меѓу Норвешка и Германија правдата ќе ја делат Французите Пичон и Ревере, додека дуелот меѓу Хрватска и Шпанија ќе го судат Чесите Хорачек и Новтни.


