Норвешка со минимална победа над Црна Гора до полуфинале!

Актуелниот Европски и Олимписки првак, Норвешка во драматично четврт-финале од Светското ракометно првенство во Данска успеа да триумфира над репрезентацијата на Црна Гора со минимални 26-25.

Натпреварот го отворија Норвежанките преку голот на Вероника Кристансен. Катарина Булатовиќ изедначи (1-1), по што следуваше интервенција на Бајрактаровиќ и погодок на Мајда Мехмедовиќ за прво водство на Црна Гора (1-2). Јованка Радичевиќ го зголеми водството со својот прв гол (1-3). По неколкуте грешки на двете страни во десетата минута резултатот беше (3-5) за Црна Гора. Ракометарките на Норвешка намалија на еден разлика (4-5), но на спротивната страна беше досуден пенал и погодок на Катарина Булатовиќ (4-6). Следуваше мини серија на Норвежанките од три погодоци за водство (8-7) во 19-тата минута. Црногорките изедначија преку Јованка Радичевиќ (8-8), по што Норвежанките возвратија со серија од четири погодоци за највисоко водство од 12-8. Марија Јовановиќ ја прекина серијата на ракометарките на Норвешка (12-9), но Нора Морк од пенал ги доведе Норвежанките повторно на четири погодоци разлика. Последниот погодок во првиот дел го постигна Марија Јовановиќ  за конечни 13-11.

Вториот дел започна со гол за Црногорките (13-12). Во 32-минута Норвежанките останаа без Хајди Локе, а Сузана Лазовиќ заработи директен црвен картон во период кога Црногорките беа во напад. По десет минути игра во вториот дел и неколку исклучувања на двете страни Норвежанките имаа предност од еден гол (18-17). Следуваше период во кој двете екипи се менуваа во водството. Мајда Мехмедовиќ во 18-тата минута од второто полувреме израмни на 21-21, а Нора Морк погоди од седум метри и повторно ја врати контролата над резултатот (22-21). Црногорките не искористија два напади во низа и тоа беше причина Норвежанките да го зголемат водството на плус три за 24-21. Ракометарките на Аџиќ дојдоа на минус еден преку погодоците на Јованка Радичевиќ и Мајда Мехмедовиќ (24-23)  по што следуваше ремек дело на Хајди Локе од шест метри за повторно зголемување на предноста на 25-23.

Во последните минути Црногорките имаа низа промашувања што скапо ги чинеа. Булатовиќ не успеа да ја совлада Солберг ниту од седум метри, ниту од контра напад, затоа Нора Морк погоди за зголемување на водството на Норвешка на 26-23. Радичевиќ со својот петти гол ја врати надежта за кратко (26-24) но времето немилосрдно течеше за Црногорките. Катарина Булатовиќ погоди на 15 секунди пред крајот (26-25) но тоа не беше доволно за историско полуфинале.

Најпрецизна во составот на Норвешка беше Нора Морк со осум, а Камила Херем постогна пет погодоци. Тимот на Црна Гора го предводеше Мајда Мехмедовиќ со шест, а Радичевиќ и Јовановиќ постигнаа по пет погодоци.