Младинското Светско првенство во машка конкуренција кое од 7 до 20 август се одржува во Русија стигна до самиот крај. Исланд-Словенија и Франција-Шпанија се двете полуфинални двојки кои треба да ги дадат патниците во големото финале кое е на програмата на 20 август. Меѓутоа посебно внимание во светот на ракометот привлекува дуелот Франција-Шпанија во кој ќе настапат синовите на двете ракометни легенди и некогашни најдобри ракометари на светот Таланд Душебаев и Џексон Ричардсон. Помалиот од браќата Душебаев, Даниел ги брани боите на Шпанската младинска репрезентација, додека пак синот на Џексон Ричардсон, Мелвин настапува за триколорите. Утрешниот полуфинален дуел ќе го продолжи спортскиот ривалитет помеѓу семејствата Душебаев-Ричардсон во кој главните улоги ќе ги имаат наследниците кои несомнено успешно чекорат по стапките на своите славни татковци.
Таланд Душебаев и Џексон Ричардсон беа едни од најголемите ѕвезди во ракометниот свет во периодот од крајот на 80-тите години до почетокот на раните 2000-ти. И двајцата имаат неверојатни спортски резултати и одличја зад своето име како што се: Олимписки, Европски и Светски шампиони, титули во Лигата на шампионите и Националните првенства, и двајцата се прогласени за најдобри ракометари на светот (Душебаев 1994-та и 1996-та, Ричардсон 1995-та година).
Во далечната 1993-та година овие двајца ракометари имаа директен дуел за златниот медал на Светското првенство во Шведска, во кој поуспешен беше Таланд Душебаев кој со репрезентацијата на Русија успеа да ја совлада Франција со 29-18.
Мелвин и Даниел се достојни наследници на своите легендарни татковци и успешно чекорат по нивните стапки. Утрешиот дуел кој е на програмата од 15 часот и 30 минути ќе даде одговор на прашањето кој од овие млади ракометари ќе ја добие можноста да се бори за титулата Светски младински шампион.



