СЕХА ЛИГА: Металург победнички ја започна годината

Во ситуација кога целата македонска спортска јавност ја чека официјалната разврска на проблемите со кои се соочува Металург, македонскиот шампион го одигра првиот натпревар во 2015. Противникот, хрватски Нексе, по мерка за подигнување на моралот и атмосферата во клубот.
Металург 23-21 Нексе (11-11)
Гостите го започнаа натпреварот со два гола во низа. Во 18-та минута Металург преку Вугринец го изедначи резлутатот на 6-6, а Миркуловски го донесе првото водство за тимот од Автокоманда. До крајот на првиот дел во изедначена игра, преку погодокот на Георгиевски со звукот на сирената, Металург на пауза замина со резултат 11-11.
Во вториот дел, Нексе беше екипата која го бркаше водството на Металург. Вугринец го отвори резултатот по три минути игра во второто полувреме, а серијата на Металург од 3-0 која започна во 36-та минута му даде самодоверба на македонскиот шампион кој на овој натпревар настапи во комбиниран состав со Миркуловски, Вугринец, Георгиевски, и Ојлевски како предводници на екипата.
Нексе најблиску до водството на Металург беше во 41-та минута кога со два гола во низа Ороз го доближи хрватскиот претставник на само гол негатива, 16-15. Филип Талевски возврати со свои два гола, а Ренато Вугринец ги постави највисоките четири голови предност, 19-15.
Последните пет минути ја вратија неизвесноста во натпреварот Вегар, Соколиќ и Павлетиќ го искористија невниманието на македонските ракометари во нападот и во последната минута се изборија за само еден гол заостаток 22-21, но Вугринец ги реши сите дилеми околу победникот со својот осми гол за конечни 23-21.
Во редовите на Металург и помладите ракометари имаа свој удел во победата. Филип Талевски постигна 3 голови, а Бојан Маџовски, Жарко Пешевски, Марко Неловски и Мартин Манасков по 1.