Македонија-Австрија 36-31 (16-16)
Миркуловски ја доведе Македонија во почетно водство, а на спротивната страна врати Сантос за 1-1. Прибак и Лазаров постигнаа два гола во серија за прво водство на нашата репрезентација од +2, 3-1 по 5 минути игра. Ристовски одлично го отвори натпреварот забележувајки 3 интервенции во првите пет минути. Следуваше период во кој не реализиравме неколку зицери, а сето тоа Австријците го казнија со серија од 3-0, забележувајки го првото водство од 3-4 во 10 минута. Лазаров со својот 2 гол ја прекина австриската серија, а нашата добра игра во минутите кои следуваа ја круниса Стоилов за највисоко водство од 10-7 во 17 минута. Слично како и на натпреварот против Хрватска нашата одбрана немаше решение за десното крило на противникот, во случајов Вебер (7 гола во првиот дел) кој иницираше нова 3-0 серија за австријците за ново израмнување 10-10 на десетина минути до крајот на првото полувреме. Манасков и Георгиевски со два брзи гола повторно не враќаат на позитива од два разлика, која со петтиот погодок на капитенот Лазаров ја одржувавме до 28 минута 15-13. Последните две минути Австрија ги доби со 3-2 за конечни 16-16 по триесет минути игра.
Вториот дел започна со остра игра во одбраната на двете страни, а нашите ракометари подобро се снајдоа во тој сегмент од играта. Добрата игра во двата правци резултираше со највисокото водство од 24-20 во 40 минута. И во наредните десетина минути момците на Обврван искусно го торпедираа голот на Австрија постигнувајки голови од сите позиции, а на голот Ангелов со своите интервенции само ја подигнуваше самодовербата во нашиот тим. Манасков со својот 3 гол во 50 минута ги носи највисоките +6, 29-23, предност која рутински успеавме да ја одржиме до самиот крај.
Лазаров со 9 и Миркуловски со 6 гола беа најпрецизни во таборот на “црвено-жолтите”. Во репрезентацијата на Австрија најпрецизен беше Вебер со 8 погодоци.



