Веспрем останува на врвот на СЕХА лигата: Металург лесна задача за унгарскиот шампион

Во рамките на 12-то коло од СЕХА регионалната лига, Металург беше домаќин на една од најдобрите екипи во Европа, унгарскиот шампион Веспрем. Очекувано Веспрем беше подобриот противник во овој дуел и останува прв на табелата на полусезоната.
Натпреварот го отвори Ренато Вугринец, по што следуваше одговор со три погодоци во мрежата на Митревски 1-3 по почетните осум минути. Веспрем разликата ја одржуваше до 25-та минута кога Вугринец за прв пат на натпреварот го изедначи резултатот на 9-9. Во 26-та минута Филип Миркуловски го обезбеди првото водство за македонскиот шампион за 10-9, но до крај на првото полувреме со голот на Момир Илиќ од пенал по истекот на регуларните 30 минути, Веспрем имаше минимално водство од 12-13.
Ортега првото полувреме го играше без класично десно крило, а како замена на таа позиција се најде Гулијаш.
Вториот дел започна со израмнувачкиот гол на Мојсовски по што Веспрем ја демонстрираше својата моќ и со серија од 5-0 се одалечи на 12-17.
Момир Илиќ во 42-та минута ги постави највисоките шест гола разлика 13-19, а Дарко Џуќиќ го врати македонскиот првак во игра со три голови во низа и намалување на резултатот на 16-19. Најзаслужен за вториот гол беше Ренато Вугринец кој со атрактивна асистенција му овозможи на младиот српски репрезентативец атрактивна завршница. Унгарците бргу ги вратија шесте голови предност преку Чема Родригез и Наџ, а Сулиќ во 49-та минута беше прецизен за највисокото водство на натпреварот од седум голови, 16-23. Во последните 10 минути кога Веспрем рутинирано го приведуваше натпреварот кон крај, во игра влегоа младите ракометари Маџовски и Талевски. Токму Талевски го постигна својот прв гол, а последен на натпреварот, за конечни 22-27.
Момир Илиќ беше најпрецизен стрелец на натпреварот со 8, додека Ренато Вугринец постигна 6 погодоци за Металург.

Металург последниот натпревар за оваа година го игра на 17 декември во Србија против екипата на Раднички.