Хрватска поразена во Вараждин: Шведска со голема победа на стартот на ЕП

Во вториот натпревар од групата Ц во Вараждин домашната репрезентација на Хрватска доживеа непријатен пораз на стартот на Европското првенство. Шведска успеа да забележи голема победа од 28-30 и на најдобар начин да го отвори ЕП во Унгарија и Хрватска.

ГРУПА Ц (ВАРАЖДИН)

ХРВАТСКА-ШВЕДСКА 28-30 (17-17)

Шведска со голот на Алм прва поведе на овој натпревар, а домашната репрезентација на Хрватска го имаше водството само во првите 6 минути кога со двата гола на Пенезиќ и Зебиќ поведе со 3-2. Јакобсен искористи едно погрешно додавање на хрватските ракометарки и ја доведе Шведска во водство од 3-4 во 8 минута. Шведска играше поконцентрирано во нападот, имаше помал број на технички грешки и на типичен скандинавски начин ја казнуваше секоја грешка на хрватската репрезентација. Пенезиќ беше еднинствената расположена ракометарка кај домаќинот во првата половина од првото полувреме, која со 4 голови се обидуваше да ја одржи својата репрезентација во игра на овој натпревар. На спротивната страна таа улога и припадна на Ида Оден која со својот трет гол и ја донесе првата повисока предност од +3, 10-13 за Шведска во 22 минута. Позитивата помеѓу два и три голови разлика швеѓанките ја одржуваа до 26 минута, кога Хрватска со серија од 3-0 успеа да израмни на 16-16 на минута до крајот на првиот дел. Алм и Гаче погодија за конечни 17-17 на полувреме.

cro 2

Маја Зебиќ со својот четврти гол го отвори вториот дел и донесе водство за Хрватска од 18-17. Но, тоа не влијаеше на упорните скандинавки кои повторно ја вратија контролата на овој натпревар и со голот на Јохансен повторно успеаа да дојдат до најголемата позитива од три голови разлика 19-22 во 40 минута. Хрватска исто како и во првиот дел успеа успешно да одговори, и со погодокот на искусната Миранда Татари израмни на 24-24 во 46 минута. Победникот на натпреварот се решаваше во последните десетина минути а во тој период ладнокрвните скандинавки беа поконцентрирани и поумешни од домашната репрезентација. Јохансон и Фогелстром умешно ги искористија подароците кои им ги сервираа хрватските ракометарки за нови +3, 26-29 во 54 минута. Изабел Гулден со својот седми погодок го навести победникот на овој натпревар кога во 56 минута ги донесе највисоките четири голови предност за Шведска, 26-30. Хрватска до крајот со головите на Татари и Мариќ успеа само да ја намали негативата на -2, 28-30. Последната шанса на Хрватска да остври позитивен резултат на овој натпревар ја пропушти Татари која промаши за -1 на триесет секунди до крајот. Шведска оствари голема победа во Вараждин над домаќинот од 28-30, и на најдобар можен начин го стартуваше ЕП.

Гулден со 7 и Оден со 5 голови ја носеа Шведска до голема победа, а во Хрватската репрезентација вардаровото дуо Пенезиќ-Зебиќ постигнаа по 6 голови.