Норвешка со рутинска победа над Романија

Во првиот натпревар од групата Д која се игра во Дебрецен, ектуелниот европски вицепрвак Норвешка рутински ја совлада репрезентацијата на Романија со 27-19. Норвежанките ја имаа комплетната доминација на овој натпревар и сосема заслужено стигнаа до своите први бодови на стартот на ЕП.

ГРУПА Д (УНГАРИЈА,ДЕБРЕЦЕН)

НОРВЕШКА-РОМАНИЈА 27-19 (16-7)

Со головите на Кристијансен и Офтедал, Норвешка го имаше почетното водство од 2-0. Ѕвездата на Будуќност, Кристина Неагу возврати со два гола и намали на 3-2 во 6 минута. По ова следуваше период на комплетна доминација на норвешките ракометарки кои направија серија од 5-0 и со голот на Локе во 16 минута поведоа со 8-2. Романија се мачеше против подвижната 6-0 одбрана на скандинавките, а за тоа говори и податокот дека за половина од првиот дел постигнаа само два гола. Норвешка на најдобар начин ја користеше статичната игра на романките и на својот препознатлив начин преку контри и полуконтри ја зголемуваше својата предност која со третиот гол на Херем ги достигна највисоките + 9, 16-7. Тоа беше резултатот по првите трисет минути.

Норвежанките и во вториот дел продолжија да го мелат противникот и во 43 минута со голот на Локе поведоа со највисоки 13 голови разлика, 23-10.До крајот на натпреварот европскиот вицешампион рутински ја одржуваше високата двоцифрена предност, а Неагу со својот седми погодок ги постави конечните 27-19.

Најпрецизна во таборот на Норвешка а воедно и прогласена за најдобра ракометарка беше Офтедал која постигна 5 погодоци. Во репрезентацијата на Романија, Кристина Неагу беше прогласена за најдобра, а со 7 постигнати голови беше и најдобар стрелец на овој натпревар.