Натпреварот го отвори Андреа Пенезиќ за водство од 1-0, но по тоа водство “вардарки” продолжија доста конфузно во нападот и одбраната што резултираше со високи +4 (2-6) за германската екипа во 9 минута. Тоа беше знак за Индира Кастратовиќ да повика тајм аут. И во продолжението на натпреварот “црвено-црните” продолжија со анемичната игра, и доколку на голот не беше извонредната Суслина која до 25 минута имаше 11 интервенции ќе имаа и поголема негатива. Но и покрај сите проблеми Зебиќ во 27 минута го носи првото водство од 10-9 за Вардарки. До крајот на првиот дел Лекиќ пропушти можност да донесе +3 кога имаше шанса да погоди од гол на гол по експериментот на гостинскиот тренер да игра без голман со седум ракометарки во поле. Резултатот по триесет минути игра беше 12-10 за екипата на Вардар.
Во вториот дел вардарки заиграа многу подобро пред се во нападот, и со головите на Лазовиќ и Пенезиќ дојдоа до највисокото водство од 16-12 во 37 минута.Иако во продолжението вардарки продолжија со неизнудени грешки во нападот маестралната Суслина го продолжи своето голманско шоу затворајки ги сите приоди кон својот гол и беше најзаслужна што “црвено-црните” имаа константно помеѓу 4-5 голови. До крајот на натпреварот Пенезиќ покажа зошто е ангажирана во “црвено-црниот” состав и со својот 8 гол зголеми на 26-20 во 29 минута. Конечниот резултат гласеше 26-21 за прва победа на вардарки во овогодинешната сезона.
Пенезиќ со 8 и Лекиќ со 5 гола го предводеа вардаровиот напад, а маестралната Суслина одигра натпревар а историја забележувајќи неверојатни 29 интервенции. Во гостинскиот состав најпрецизна беше Мајтцнер со 5 погодоци.


