Во второто полувреме свое гол шоу на теренот имаа словенечките репрезентативци во екипата на Монпелје. Кавтичник, Доленец и Габер го водеа својот тим до најголемата предност од +4, најпрво во 38 минута ( 25-21) и во 45 минута (28-24). Вардар постојано се обидуваше да се врати во игра, а по исклучувањето на Лалушка во 46 минута успеа да се врати на -2 (28-26). Во 49 мунута следуваше нов пех за “црвено-црните” кога Сергеј Горбок доби директен црвен картон за стартот над Габер. На седум минути пред крајот Монпелје повторно ги имаше најголемите +4 (32-28). Овој тим на Вардар покажа дека е и психички доста подготвен оваа сезона кога приреди ново враќање во овој натпревар. Со серија од 6-2 буквално во последните 5 минути во која Алем Тоскиќ беше незадржлив на линијата од 6 метри , Вардар даде до знаење дека ќе биде тешко совладлив оваа сезона. Тоскиќ со својот петти гол на натпреварот намали на 33-32 на пет минути до крајот. Но извонредниот Греби со својот 11 гол повторно ги врати Французите на +2 (34-32) на четири минути до крајот. Вардар не се предаваше и најпрво преку Лацковиќ намали на 34-33. Во овие моменти извонреден на голот на Вардар беше Арпад Штербик кој со своите интервенции овозможи неговиот тим да се бори за израмнување. Тоа го искористи Игор Карачиќ кој со гол буквално на 10 секунди пред крајот ги постави конечните 34-34. Во последните секунди Илија Абутовиќ во обид да го спречи последниот удар на французите остро стартуваше врз Греби и заработи директен црвен картон. Но целта е исполнета, Вардар се враќа непоразен од тешкото гостување во Франција.
Најпрецизни во екипата на Монпелје беа извонредниот Греби кој постигна 11 гола,а Гајиќ беше стрелец на 7. Најдобри ракометари во екипата на Вардар беа Тимур Дибиров со 9, и Карачиќ со 7 гола.
Во следното коло Вардар на домашен терен го пречекува Веспрем, а дали ќе игра во полн состав по двата црвени картони на овој натпревар ќе одлучи Судот на ракометот на ЕХФ во претстојните денови.


