Металурзите во лов на зебри: Моќниот Кил гостува во Скопје

Вечерва македонскиот шампион Металург, го пречекува германскиот шампион Кил. Гигантот пристигнува во Скопје како второпласиран во групата А, зад ПСЖ. Металург е на последното место без бодови по три одиграни кола, затоа ќе треба да се надмине на овој натпревар доколку сака да ги задржи надежите за пласман во фазата на поледните 16 екипи.


ТХВ КИЛ


Застрашувачките 19 титули во германското првенство се само дел од колекцијата трофеи на најуспешниот ракометен клуб во Европа, од седум финалиња во Лигата на шампионите, Кил дури три пати е победник на ова престижно натпреварување, а на сето тоа може да се додадат и трите титули во ЕХФ купот. Минатата сезона во финалето на Фајнл Фор турнирот загубија од Фленсбург, затоа оваа година атакуваат на трофејот со најдобриот планетарен ракометар Домагој Дувнјак, шпанскиот репрезентативец Канељас и германскиот репрезентативец Ваинхолд.

Aмбициите на бундеслигашот не застануваат тука, тоа го покажува и фактот дека следната сезона на голот на „зебрите“ ќе застане Никлас Ландин, еден од најквалитетните светски голмани.

Иако не импресионираат со настапите во Бундеслигата, каде се наоѓаат на втората позиција со 7 победи и два пораза, индивидуалните ракометни имиња на Кил ги прават апсолутен фаворит во пресрет на дуелот со Металург. Во Скопје пристигнуваат значително ослабени без двата клучни ракометари Палмарсон и Јиха, а се чини дека разбурканите води во тимот од Автокоманда конечно се смирија. Металург се надева дека столбот на нападот на „сино-белите“, Ренато Вугринец ќе биде човекот за пресврт и спас на евросезоната.

Дека Кил е ранлив покажаа ракометарите на Веселин Вујовиќ, кои сензационално ги поразија во својот дом, Арената Загреб, а дали металурзите ќе успеат да го применат рецептот на „плинарите“ на овој натпревар или искусниот лисец Лино Червар ќе смисли нешто ново, за уште едно изненадување ќе видиме вечер од 21:00.

Во клубот пристигнаа:
Хоан Кањелас (ХСВ Хамбург)
Домагој Дувњак (ХСВ Хамбург)
Штефан Ваинхолд (СГ Фленсбург-Хандевит)
Руна Дамке (ТХВ Кил младинскиот тим)
Фин Ранке (TSV Altenholz)
Ким Сонне  Хансен (Skive FH)
Клубот го напуштија :
Ваел Жалуз (ФК Барселона)
Гудјон Валур Сигурдсон (ФК Барселона)
Кристијан Заиц (MВM-МКБ Веспрем)

Досегашни дуели во Еврокуповите – РК Металург vs ТХВ Кил-
02.10.2008 ТХВ Кил vs РК Металург, VELUX ЕХФ Лигата на шампионите – Група C 37:29 (18:15)
13.11.2008 РК Металург vs ТХВ Кил, VELUX ЕХФ Лигата на шампионите – Група C 25:30 (00:15)
2014/04/19 РК Металург vs ТХВ Кил, VELUX ЕХФ Лигата на шампионите – 1/4 финалето 21:31 (09:14)
2014/04/27 ТХВ Кил vs РК Металург, VELUX ЕХФ Лигата на шампионите – 1/4 финалето 34:26 (19:11)