Покрај за нас најинтересниот натпревар од групата Ц помеѓу Вардар и Рајн Некар Левен, вчера на програмата во ЕХФ ВЕЛУКС Лигата на шампионите беа одиграни уште пет натпревари. Првиот натпревар од денешната програма беше натпреварот од групата Д помеѓу екипите на Алборг и Пик Сегед, во кој гостите од Унгарија успеаа да слават многу значајна победа на гостински терен во Данска со резултат 25:28 ( 11:15) враќајки се на победничка патека по поразот во минатото коло против екипата на Киелце.
ГРУПА Д
АЛБОРГ-ПИК СЕГЕД 25:28 (11:15)
Екипата на Пик Сегед по поразот од Киелце во минатото коло имаше тешка задача во Данска да се врати на победничките патеки. Алборг по првите две кола беше непоразен откако во првото коло успеа да го совлада Данкерк со 21:26, a во второто ремизираше против Кадетен Шафхаузен на свој терен 23:23, па против Пик Сегед се надеваше на успешно продолжение на серијата без пораз.
Алборг освен почетното водство од 2-0, продолжението од првиот дел го одигра доста слабо. Гостите во 8 минута го превземаа водството 2-4 и ја имаа доминацијата во останатиот дел од натпреварот. Лошата 6-0 одбрана која ја играа Данците како и одличниот Сиера на голот на Пик Сегед беа причината гостите од Сегед да го завршат првиот дел со позитива од 4 голови 11-15.
Пик Сегед имаше контрола на натпреварот и во второто полувреме. Во 36 минута зголемија на 12-18, а домаќините неколкупати се приближија но тоа беше се што успеаа да напраат. Големиот број на изгубени топки во нападот како и одличниот Сиера и во вториот дел беа главните причини за поразот на Алборг на овој натпревар.
На 5 минути до крајот Сегед имаше водство од 21-27 по што беше јасно кој ќе биде победникот на овој натпревар.
Во победничката екипа најпрецизен беше Золт Балог со 13 постигнати погодоци, а Сандер Сагосен постигна 9 голови за екипата на Алборг.
Во следното коло Алборг патува во Украина на дуел со екипата на Мотор Запорожкје, а Пик Сегед ќе биде домаќин на Кадетен Шафхаузен.
ГРУПА Б
Во вториот натпревар, Барселона очекувано стигна до третата победа во групата Б совладувајки го турски Бешикташ со 35:25(19:12). Во натпреварот против Бешикташ, Барселона имаше вистинско загревање за дерби дуелот против КИФ Колдинг на гостински терен кој ги очекува наредното коло.
БАРСЕЛОНА-БЕШИКТАШ 35:25(19:12)
Барселона само на почетокот на натпреварот имаше негатива од 2-4, а во продолжението работите дојдоа на свое место. Барса брзо се врати во игра правејки серија од 6-0 за водство од 8-4. Маестрален настап во првите 18 минути од натпреварот имаше левото крило Валур Сигурсон кој успеа да постигне седум гола од седум обиди зголемувајќи ја предноста за својата екипа на 12:6. Барселона рутински го одигра натпреварот до самиот крај, зголемувајки го своето водство за конечни 35:25.
Сигурсон беше најпрецизен ракометар во екипата на Барселона со 8 постигнати голови. Лазаров и Томас постигнаа по 6.
ГРУПА А
По победите над Металург и Загреб, ПСЖ ја забележа и својата трета победа во групата А. Жртва беше екипата на Натурхаус Ла Риоха која беше совладана со 32:25(18:9). Парижаните беа преголем залак за шпанскиот тим кој немаше никакви шанси на овој натпревар, и својата шанса ќе ја бара веќе во наредното коло кога на домашен терен ја пречекува екипата на ППД Загреб.
ПСЖ-НАТУРХАУС ЛА РИОХА 32:25 (18:9)
ПСЖ започна доминантно на овој натпревар поведувајќи со 6-2 во 7 минута.Шведскиот интернационалец во шпанската екипа Филип Стенмалм се обидуваше да ја одржи својата екипа во игра постигнувајќи ги првите 4 гола, но тоа не беше доволно да се запре екипата на ПСЖ. Французите постојано го зголемуваа своето водство, а првиот дел го завршија со високи 9 голови разлика 18-9.
Во вториот дел ПСЖ предводен од Михаел Хансен продолжи во исто темпо да ја полни мрежата на гостите, за највисоки 12 голови разлика на средината на вториот дел. По ова високо водство Филип Гарден им даде шанса на сите ракометари по што гостинската екипа успеа да ја ублажи високата негатива намалувајки на 29-23 на 6 минути до крајот на натпреварот. Конечниот резултат гласеше 32-25, за трета победа во третиот натпревар за францускиот тим.
Во наредното коло ПСЖ има шанса да стигне до својата четврта победа на гостувањето во Брест, а екипата на Натурхаус Ла Риоха својата шанса за победа ќе ја бара на домашен терен против екипата на ППД Загреб.
ГРУПА Ц
Покрај натпреварот Вардар-Рајн Некар Левен, во групата Ц се одигра уште еден возбудлив дуел. По одличното прво полувреме на Веспрем, се очекуваше унгарците и во второто полувреме да продолжат во исто темпо и на сигурен начин да стигнат до бодовите. Но Монпелје не се предаде лесно и го направи овој натпревар интересен па до самиот крај гледавме неизвесен ракомет. Сепак со двата гола во последната минута Момир Илиќ ја осигура третата победа во третиот натпревар за својот тим.
ВЕСПРЕМ-МОНПЕЛЈЕ 30:29 (14:11)
Домаќините одлично го отворија натпреварот. Во нападот Момир Илиќ ги превзема работите во свои раце, а на голот одличен беше Роланд Миклер, што резултираше со водство за унгарскиот тим од 12-8. Со сигурна игра Веспрем го заврши првиот дел со 14-11.
Во вториот дел пред се благодарение на одличната игра на Вид Кавтичник и Метју Гребил, Монпелје успеа во првата половина на второто полувреме да израмни на 17-17. Но Веспрем бодрен од фантастичните унгарски фанови докажа дека тешко која екипа ќе успее да ги совлада на нивен терен. Со голот на десното крило Питер Гулијаш Веспрем повторно поведе со три голови разлика 26-23, а Илиќ со своите два гола донесе водство за својот тим од 29-26, и 30-28 во последната минута од натпреварот што беше доволно за третата победа во третиот одигран натпревар за унгарскиот шампион.
Момир Илиќ со 6 и Нилсон со 5 беа најпрецизни во екипата на Веспрем, а во тимот на Монпелје Гребил и Кавтичник постигнаа по 9 погодоци.
ГРУПА Д
И екипата на Киелце успеа да го задржи максималниот скор од три победи, по победата над Мотор Запорожје од 30-26 (17-14), со што се наоѓа на првото место на табелата во групата Д.
КИЕЛЦЕ-МОТОР ЗАПОЖЈЕ 30:26(17:14)
Киелце доста мотивирано го отвори овој натпревар, и одличната игра во одбраната и пред се на Карол Биелицки во нападот резултираа со водство од 8-5 во 13 минута од првиот дел. Киелце продолжи во исто темпо, зголемувајќи го своето водство најпрво на 13-8 во 22 минута, а потоа и на 15-10. До крајот на првиот дел гостите од Запорожје успеаа да намалат на 3 голови разлика 17-14.
Мотор одлично го започна вториот дел, и со серија од 3-0 успеа да израмни на 17-17 во 34 минута. Но екипата на Таланд Душебаев брзо одговори на предизвикот и со головите на Михаел Јурецки и Иван Чупиќ Киелце повторно имаше 3 голови 21-18 во 39 минута. Во 44 минута домаќините преку Јурецки дојдоа до своето најголемо водство од 6 голови разлика 24-18, кое успеаа да го задржат до крајот на натпреварот, а конечни 30-26.
Најпрецизен ракометар во екипата на Киелце беше Лијевски со 7, а Биелицки и Јурецки постигнаа по 5 гола. Во екипата на Мотор, Бурка постигна 5 погодоци.







