Веспрем преку Нексе за петта победа во СЕХА

Продолжува несреќната серија на хрватската екипа Нексе во СЕХА лигата. Овојпат тие беа жртва на убедливо најквалитетниот тим во ова натпреварување, екипата на Веспрем. По денешната победа на Веспрем од 36-18, двете екипи имаат 100% учинок. Унгарскиот шампион ја обезбеди петтата победа, додека Нексе го доживеа третиот пораз од исто толку натпревари во оваа сезона.

Угалде ја започна голгетерската вечер на унгарците, кои со почетните 3-0 му дадоа до знаење на противникот дека бодовите ќе останат кај домаќинот. Нексе цели осум минути не успеа да постигне гол, а Џан Челеби им донесе трошка надеж за 3-1. Резултатски најблиску Нексе беше на 4-2, а по 18 минути Сулиќ го донесе Веспрем на шест голови предност 12-6. До крајот на првите 30 минути домаќините имаа осум голови предност 17-9.

Второто полувреме започна како првото, благодарение на голманот Миклер, Ласло Наѓ, Сулиќ и Маргуч на двапати и еднаш Руезга го доведоа Веспрем на 12 голови предност, 24-9 во 41 минута. Иако крајот беше само формалност, во 53-та минута Гулјаш беше прецизен за 17 голови предност 31-14, а во последната минута Заиц ги постави највисоките 19 голови предност 36-17.

Токму Заиц беше и најдобар поединец во тимот на Веспрем, а стрелаше прецизно седум пати. Во тимот на Нексе Анте Гаџа постигна пет погодоци. По успешната операција на голот на Веспрем застана и Мирко Алиловиќ кој имаше четири успешни интервенции, додека неговиот клубски колега Миклер имаше одличен учинок од 12 одбранети удари.

Во рамките на третото коло, во сабота, 21.09.2014, Нексе му гостува на актуелниот освојувач на СЕХА лигата Вардар, додека Веспрем, во дербито на колото го пречекува актуелниот македонски шампион Металург, средбата е закажана еден ден порано на 20.09.2014 во 16:00.