Уште на самиот почеток унгарските ракометари го направија клучното водство 5-1, кое го префрли притисокот на македоскиот тим. Бледото издание на Вардар единствено што можеше да направи е да го намали водството на Веспрем на два гола предност најпрво на 9-6 во 19 минута и последен пат на натпреварот во 22 минута на 11-9. Но импресивното издание на унгарскиот шампион, одличната и агресивна одбрана и одличните решенија во напад му донесоа пет голови предност по крајот на првите 30 минути, 17-12.
Во вториот дел, Вардар не успеа да најде решение за одличната одбрана на домаќините, долгите напади под притисок на пасивност само одеа во полза на ракометарите на Веспрем. Покрај многубројните грешки во нападот, Вардар до 50-та минута играше на исто ниво како и Веспрем, затоа и резултатската предност беше иста како на полувремето 25-20. Во последните 10 минути, домаќините водени од извонредниот Момир Илиќ со одлични удари од далечина и прецизни обиди од 7-метри ги искористија неколкуте одбрани на Миклер и само ја потврдија доминацијата на овој натпревар за конечни 31-23. Притисокот од отсуството на повредените Петриќ и Терзиќ остави последици на играта на младиот Душебаев кој не успеа да го пронајде вистинското темпо и да го даде максимумот на овој натпревар.
Најдобар поединец на теренот беше Момир Илиќ со 12 постигнати голови, кај Вардар, Дибиров постигна 5, а Брумен и Тоскиќ по 4 погодоци.
Во следен натпревар Веспрем ја пречекува екипата на Нексе, на 16.09.2014 во рамките на натпреварот од 5-коло, додека Вардар ќе го пречека Нексе пет дена подоцна во рамките од 4-то коло од СЕХА лигата.



