Хаос во Подгорица: Маја Савиќ со отказ поради Итана Грбиќ

Претседателот на Црногорската ракометна федерација и претседател на ракометниот клуб Будуќност, Предраг Бошковиќ на последниот состанок на ракометните клубови под закрила на Будуќност, ѝ врачи отказ на Маја Савиќ, тренер на вториот тим на Будуќност, поради несогласувања околу работата со младите црногорски ракометарки.

Неофицијално повод за разидувањето на ракометниот колектив Будуќност со тренерот на Даниловград (втората екипа на РК Будуќност) е нетрпеливост која постоела меѓу Бошковиќ и Савиќ.

Фото: www.handballme.me

Фото: www.handballme.me

Чашата ја прелила информацијата за преминување на најквалитетната ракометарка од младинскиот погон на Будуќност, Итана Грбиќ во редовите на Вардар, а Савиќ била посочена како директен виновник за нејзиниот трансфер.

Поради несогласувања околу регионалната лига и мешање во ингеренциите и организацијата, меѓу претседателите на двата клуба веќе постои недоразбирање, кое на ракометен план го прави  Вардар еден од најголемите ривали кога станува збор за Будуќност.

Причината за отказот е разликата во ставови околу успешноста и квалитетот на  работа на тренерот на Даниловград воедно и селектор на кадетската репрезентација на Црна Гора, Савиќ.

По отказот, младите ракометарки на Даниловград, предводени од Маловиќ, Јауковиќ, Аговиќ, Чаловиќ и Раковиќ одбиле да тренираат додека не се врати нивниот ментор. Бошковиќ на ова одговорил со закана за исписница. Сагата треба да кулминира овие денови кога ќе стане јасно дали најталентираната генерација на Црна Гора ќе остане во еден тим или Даниловград ќе настапува со комбиниран состав во продолжение на сезоната.

Маја Савиќ е една од најуспешните ракометарки во историјата на Црна Гора. Меѓу позначајните клубови во нејзината кариерата се ЖРК Будуќност, дрим тимот на Шлагелсе и Виборг. Со репрезентацијата на Црна Гора го освои сребрениот медал на Олимписките игри во Лондон, а на Светското првенство во Италија 2001 година, каде со репрезентацијата на Југославија го освои бронзениот медел, беше прогласена за најдобро лево крило и дел од „ол-стар“ тимот.