СЕХА: Веспрем славеше во Бања Лука против Борац

Екипата на Веспрем потешко од очекувањата успеа да слави во салата Борик во Бања Лука, совладувајки ја екипата на Борац со 29:33 (12:15), со што ја забележа третата победа во третиот одигран натпревар во СЕХА лигата.

Борац одлично го започна натпреварот не дозволувајки му на Веспрем да направи поголема предност, и да го реши напреварот во раната фаза. Но Унгарците со своето искуство полека но сигурно испеаа да дојдат до +3 на полувреме 12:15.

Борац-Весп

фото: seha-liga.com

Во второто полувреме гледавме иста слика. Веспрем тешко доаѓаше до голот на Борац. Човек на одлука беше голманот на Веспрем, унгарскиот репрезентативец Роланд Миклер кој имаше одлични 16 одбрани, а на спротивната страна Абаџиќ и Хасељиќ заедно имаа 8. На крајот Веспрем успеа да го добие овој натпревар со 29:33 (12:15) и да ја продолжи победничката низа во СЕХА лигата.

Во екипата на Веспрем Ренато Сулиќ со седум и Гашпер Маргуч со шест постигнати голови беа најдобри стрелци, додека пак кај Борац најрасположени за игра беа Џукиќ и Микиќ кои постигнаа по седум голови.

Карлос Ортега ( тренер, Веспрем):

Немавме многу време да се подготвиме за овој натпревар. Знаев дека Борац игра цврста одбрана која ја демонстрираше и на овој натпревар. Од друга страна и ние мораме да играме многу подобро доколку сакаме да направиме добар успех и во СЕХА и во Лигата на шампионите. Уште по првите неколку кола можам да кажам дека противниците во СЕХА лигата се многу посилни отколку оние во унгарското првенство, и токму затоа одлучивме да настапуваме во оваа лига. Тоа ќе ни помогне да останеме во форма за идните тешки натпревари, посебно оние во Лигата на шампионите.

Игор Раденовиќ (тренер, Борац):

Тешко беше да се игра денес против екипата на Веспрем. Тие имаат многу повеќе играчи за ротација и тоа беше една од главните причини за нашиот пад во втората половина на второто полувреме. Но среќен сум што успеавме да го одиграме овој натпревар на високо ниво.

Мирсад Терзиќ (ракометар на Веспрем):

Екипата на Борац беше одлична денеска. Знаев колку е тешко да се игра тука, и тие тоа и го докажаа. Што се однесува до нашата игра, знам дека можеме да играме многу поквалитетно и тоа ќе го докажеме во наредните натпревари.

Милан Џукиќ (ракометар на Борац):

Покажавме дека сме тим кој се бори до крај. Успеавме да се вратиме во игра по лошиот период кој го имавме во второто полувреме, и да го завршиме натпреварот на -4 против силна екипа како што е Веспрем. Горд сум на мојот тим после ваков натпревар.

Во следното коло Борац го пречекува Вардар, а Веспрем ќе го има своето деби на домашен терен во СЕХА лигата против екипата на Металург.