Рускиот шампион Динамо Волгоград за следната сезона се засилува со две квалитетни ракометарки. Се работи за десното крило на хрватската репрезентација, Анита Гаче која во Динамо ќе пристигне од хрватскиот шампион Локомотива Загреб.
Искусната репрезентативка на Хрватска има богата ракометна кариера. Четири сезони го носеше дресот на ЖРК Осијек, а по одличните игри во Осијек, од 2005 до 2012 година е ракометарка на Подравка од Копривница. Со Подравка постигнува одлични резултати во рамките во Лигата на шампионите, а добрите игри во Подравка и овозможуваат повик во сениорската репрезентација на Хрватска . Во изминатата сезона беше дел од хрватскиот тим Локомотива Загреб каде успеа да ја освои двојната круна . Со Подравка има освоено 14 титули во домашното првенство ( седум од супер лигата, и седум од купот на Хрватска). Ова ќе биде прво интернационално искуство за Анита Гаче.
Второто засилување е Асма Елгауи од Тунис. Младата и перспективна ракометарка од репрезентацијата на Тунис, во Динамо ќе пристигне од францускиот суперлигаш Нин. Со репрезентацијата на Тунис во 2011 година на СП во Бразил го освои 18 место, додека во 2013 година на СП во Србија, нејзината репрезентација го освои 17 место. Нејзиниот деби настап за Тунис беше во Кина ( СП-2009 година), каде Тунис заврши на 14 место.
Динамо Волгоград го напуштија Ксениа Макеева, Мајса Песоа, Степанова Александра, Адвекова Елена, додека Ана Кочетова објави дека ја завршува својата ракометна кариера.



