Загревање за Светското кадетско првенство: Македонските кадетки подобри од Тунис

Како финална проверка пред почетокот на Светското кадетско првенство кое од 20 јули до 3 август ќе се игра токму во Македонија, нашата репрезентација договори два тест натпревари со репрезентацијата на Тунис.

Во првиот натпревар кој вчера зад затворени врати беше одигран во Струмица, нашата репрезентација ја совлада репрезентацијата на Тунис со 26:20.

Првото полувреме поминало во изедначена игра на двете репрезентации а на одмор се заминало со минимално водство на македонските кадетки од 10-9.
Во второто полувреме нашата репрезентација заиграла многу подобро во нападот правејќи најпрво серија од 4-0 за 14-10, а потоа постојано го зголемувала водството пред се благодарение на играта во одбраната. Највисокото водство на овој натпревар било +8 за нашите девојки, а конечниот резултат на натпреварот гласеше 26:20.

„Јас сум генерално задоволен од прикажаното. Одиграме добро во одбрана, посебно во вториот дел, но во нападот имаме уште да поработиме. Сепак, како за прв натпревар сметам дека одигравме сосема коректно“, изјави селекторот на македнскиот тим Аце Станковски зa официјалниот сајт на првеството.

Денеска од 19:00 часот двете репрезентации ќе одиграат уште еден контролен натпревар кој ќе биде од официјален карактер, и добра можност за македонските љубители на ракометот да видат во каква форма е нашата кадетска репрезентација пред почетокот на Светското првенство.