Столбот на одбраната на ПСЖ, Ибрахим Дијав, стави крај на авантура во францускиот главен град. Иако беше поврзуван со екипата на Трембле, сепак нов предизвик за 34 годишниот лев бек и централен дефанзивец ќе биде романскиот тим, Динамо Букурешт.
Искусниот сенегалски ракометар, во романскиот главен град ќе ја продолжи успешната кариера, која во 2012 беше доведена во прашање по тешката повреда на ахиловата пета. Во ПСЖ пристигна во 2011, откако беше исклучен од тогашниот клуб Истрес, поради учество на Африканските игри без дозвола од клубот. Новите сопственици и управата на ПСЖ имаа потполна доверба во него, а единствено пристигнувањето на вонсерискиот Микел Хансен не овозможи Дијав да се врати целосно во натпреварувачка форма. Тренерот Гарден, ги насочи неговите квалитети кон одбраната за да прерасне во еден од најдобрите одбранбени играчи во светот. Со екипата од Париз ја освои шампионската титула во 2013 година како и Купот на Франција во 2014 година.
Со новата улога во ромаскиот главен град, ќе има за цел да му помогне на својот нов клуб да се спротивстави на моментално надмоќниот ривал, екипата на Звонко Шундовски, Констанца. Ибрахим Дијав останува во Динамо Букурешт до 2016 година.



