Ѓер експресно реагираше: Анонимна Шпанка ќе ја менува Нора Мерк

За помалку од еден ден, откако дозна дека нема да смета до крајот на сезоната на норвешката репрезентативка Нора Мерк, Ѓер обезбеди ново засилување. Унгарскиот и европски шампион на патот кон одбрана на титулата ќе добие помош од шпанската интернационалка Миреха Гонзалез.

Станува збор за 27-годишна ракометарка, која доаѓа од локалниот ривал ЕРД. Потекнува од составот на Алкобендас, а три сезони помина и во дресот на францускиот Мио Бигано, со кој играше во финалето на Челинџ Купот пред три сезони.

„Чест е да се игра за Ѓер. И посакувам на Мерк побрзо враќање на терените. Ова е одлична можност за мене да го дадам најдоброто и да му помогнам на тимот во одбрана на титулата.“ – изјави Гонзалез.

Ѓер веќе го обезбеди местото во четвртфиналето на Лигата на шампионите, но не може да остане мирен, бидејќи се уште ја нема на располагање повредената Едуарда Аморим, а ниту Ања Алтхаус нема да може да игра до крајот на сезоната.