Шпрем: Македонија со Раул на клупата може да стигне далеку на ова СП!

Ракометната репрезентација на Македонија успешно го стартуваше СП во Данска и Германија. Очекувано, совладана беше селекцијата на Јапонија која претставуваше прва пречка на патот кон втората фаза. Премиерниот настап на Македонскиот национален тим беше внимателно проследен и искоментиран од страна на ко-коментарскиот тим на хрватски РТЛ, прославените поранешни хрватски репрезентативци-левото крило Горан Шпрем и голманот Валтер Матошевиќ.

Горан Шпрем имаше само пофални зборови за Македонија, а посебно ја истакна феноменалната партија на голманот Борко Ристовски.

“Македонците се дојдени по квалификации за Олимписки игри, а од тоа што можев да го видам Ристовски беше фантастичен на голот. Сметам дека со Раул Гонзалес на клупата Македонија е репрезентација која може да стигне далеку на ова СП” – заврши носителот на златен медал од СП 2003 во Португалија и Олимписките игри во Атина 2004 година.

Македонија и Хрватска на ова СП ќе ги одмерат силите во понеделник, во рамките на третото коло од групата Б. Место на одигрување ќе биде добропознатата Олимпијахале во Минхен, а дуелот е закажан за 18 часот.