Шампионот на Данска од 2012 година пред банкрот и исклучување од домашното првенство

Според медиумите во Данска екипата на Рандерс е многу близу да биде исклучена од националниот шампионат. Женскиот клуб е во многу тешка ситуација и само чудо може да го спаси од банкрот, а раководството мора да најде околу 90 илјади евра за клубот да може да преживее .

Кризнaта ситуација во клубот почна минатата сезона кога дел од поддржувачите го откажаа спонзорството. Долгот на Рандерс беше близу 400 илјади евра и голем дел од сумата беше покриен од спонзорства, продажба на играчи и издавање на акции но на екипата и се потребни уште 90 илјади евра.

„Многу луѓе мислат дека сме близу до нашата цел, но морам да кажам дека не е така. Немам златен коверт на кој пишува клубот е спасен. Во исто време сакам да се заблагодарам на поддршката што ја добивме неодамна. И покрај ограничениот буџет на нашите навивачи за време на Божиќните празници и потребата на компаниите да ја затворат годината ние добивме помош“, рече Хенрик Шор претседател на управниот одбор на Рандерс.

Во овој момент е неизвесна судбината на клубот кој во првенството на Данска се наоѓа на 7. позиција на табелата.

Рандерс е клуб кој во 2010 година го освои Купот на ЕХФ, а во 2012 година беше и шампион на Данска.