Ракометарите на Металург и покрај одличната игра загубија на гостувањето кај турскиот шампион Бешикташ со 23-22 во натпреварот од осмото коло во Лигата на шампионите. На полувреме македонскиот тим имаше и реми, 12-12, но кога најмалку требаш во финишот, металурзи погрешија и го загубија натпреварот.
Голманот на Бешикташ, Хендави како и на сите дуели со Металург, и денеска бранеше одлично, па имаше 18 интервенции, меѓу кои и пет одбранети пенали, па тука треба да се бара причината зошто македонскиот тим загуби на ова гостување, иако можеше среќно да се врати и со бод на крајот.
Првите десетина минути се играше гол за гол до 4-4. Потоа Бешикташ се одлепи на 6-4 преку Доне и Демирезен, а водеа домашните и со 9-6. Но металурзите се разбудија на време за да го направат натпреварот интересен и не дозволија да отиде во непосакуван правец.
Ја стегнаа одбраната, Томовски фати две топки и тимот од Автокоманда направи комплетен пресврт со погодоците од контри и поведе со 9-10. Тоа беше знак за домашните да побараат минута одмор, па потоа израмнија од пенал 10-10.
Потоа беше 11-11, а на триесетина секунди до крајот, Доне погоди за домашно водство. Брестовац повика тајм-аут, беше договорена акција но немаше реализација. Сепак Токиќ искористи една домашна грешка и од далечина ги постави конечните 12-12 на пауза.
На стартот на вториот дел Металург даде гол за 12-13, но Бешикташ за шест минути погоди три пати за 15-13. Момците на Брестовац се вратија на 15-15 и оттогаш почна да се игра гол за гол до 20-20, но кога најмалку требаше погрешија, односно Хендави одбрани.
Беше и 22-22, пред Прибак да ја запечати судбината на Металург и да погоди за 23-22. Нашите ракометари погрешија во следниот напад, но истото го направија и домашните, па останаа уште десетина секунди за реми.
Топката требаше да оди на лево крило, но металурзи се сплеткаа и шансата отиде во неврат, па мечот заврши 23-22. Најдобри стрелци кај Бешикташ беа Доне со девет голови, Демирезен даде пет, додека кај Металург се истакнаа Танкоски и Токиќ со по пет голови.


