Фленсбург никаде не ги пушта своите најдобри ракометари

Екипата на Фленсбург која неодамна ја одбрани титулата во Бундеслигата започна со процес на задржување на најдобрите играчии во своите редови. После продолжувањето на договорот со Ласе Сван и Маркус Стајнхаузер, и уште еден важен ракометар стави потпис на нов договор.

Станува збор за Норвежанецот, Горан Согард Јоханесен кој веќе имаше договор до 2021 година, а истиот сега е продолжен до 2023. Овој ракометар има 25 години и е голема перспектива во Фленсбург. Шампионот на Германија со ваквиот потег јасно дава до знаење дека нема да се откаже од својата иднина и дека гради тим за нови високи дострели.

Јоханесен во Фленсбург пристигна минатата сезона. Претходно настапуваше за ГОГ. Сезоната ја започна неславно бидејќи мака мачеше со повреди, но брзо го поврати својот ритам. Беше одличен на Светското првенство каде со Норвешка стигна до сребрениот медал.

И тренерот на Фленсбург, Марк Макуља одлично го смести во тимот, а Јоханесен возврати со одлични партии бидејќи во 19 средби постигна 34 гола. Со ваквите одлуки првакот во Германија најавува нов атак на титулата во Бундеслигата, а зошто да не и во Лигата на шампионите.