ТОП 10 листа на слободни играчи: Рутенка, Вугринец, Мојсовски, Боргес, Онето…

Иако сезоната веќе е во тек и на големо се играат официјални натпревари, дел од добро познатите ракометари се уште се без ангажман. Специјализираниот портал „Хандболтрансферс“ состави листа од 10 најзвучни имиња без ангажман, Меѓу најпознатите имиња секако се Наумче Мојсовски, Ренато Вугринец, Сергеј Рутенка, Марко Онето, Стефан Стегавик итн…

Сергеј Рутенка

Минатата сезона левиот бек ја помина во Лахвија. Со заеднички договор, соработката беше раскината во декември 2015 година. Рутенка потоа играше и на ЕП во Полска, а сезоната ја заврши во домашниот шампионат, во СКА Минск. Иако се шпекулираше со негово доаѓање во Вардар, сепак се чини од тоа нема да има ништо, а многу веројатно е тој да објави крај на богатата кариера во која играше во тимови како Барселона, Сиудад Реал, Целје, Горење и др.

Ренато Вугринец

41-годишниот поранешен македонски репрезентативец минатите две години беше дел од израелскиот Макаби Ришон Ле Зион, а сега е поврзуван со евентуален камбек во Македонија, во дресот на Еурофарм Работник.

Наумче Мојсовски

Откако ја раскина соработката со ЧСМ Букурешт, Мојсовски беше поврзуван со катарските Ал Ахли и Лахвија. Поранешниот репрезентативец исто така беше „виден“ и како член на Еурофарм Работник, но веројатно нема да има договор со битолскиот тим и Мојсовски повторно ќе замине на печалба во Катар.

Фелипе Боргес

Бразилското лево крило од Монпеље, по крајот на сезоната потпиша за амбициозниот проект Спортинг Лисабон. Но, повредата која го спречи да настапи и на ОИ во Рио, беше причината Спортинг да го раскине неговиот договор, па сега повторно е слободен играч.

Каспер Нилсен

Поранешниот дански репрезентативец минатата сезона играше за Рибе Есбјерг, па иако е можно е да ја заврши кариерата, сепак 41-годишниот играч кој најдобро се снаоѓа во дефанзива, сака да ја продолжи кариерата доколку дојде вистинска понуда. Своевремено тој беше член на ГОГ Гудме, Лемго, Флензбург, Фуксе Берлин и Бјерингбро.

Марко Онето

34-годишниот чилеански репрезентативец кој игра на пикерската позиција минатата сезона ја мина во Висла Плок, но не играше многу поради повреда и неговиот договор не беше продолжен. Претходно беше дел од Барселона, Бидасоа Ирун, Ла Риоха, Веспрем, Магдебург и Минден, но никаде немаше главна улога. Се уште не е познато дали ќе ја продолжи кариерата.

Карлос Прието

По три сезони во Вецлар, шпанскиот играч од линијата, се уште нема најдено нов клуб. Претходно тој играше за Барселона, Сиудад Реал, Ваљадолид, Рајн Некар, Целје и Кадетен Шафхаузен.

Ловро Шпрем

Помладиот брат на многу попознатиот Горан Шпрем, Ловро, играше за Загреб од 2011 година, но неговиот договор не беше продолжен сезонава. 26-годишниот играч од лево крилната позиција играше и за хрватскиот национален тим на ЕП во 2014 година. Сепак, постои можност тој да продолжи со настапите во хрватскиот првак.

Драшко Ненадиќ

26-годишниот лев бек Драшко Ненадиќ, помлад брат на Петар Ненадиќ од Фуксе Берлин, летово беше поврзуван со трансфер во Металург, но се уште нема клуб. Имаше сериозна повреда, а во меѓувреме неговито Хамбург банкротираше. Тој претходно беше дел од Флензбург, Грањолерс, Гвадалахара и Црвена Ѕвезда.

Стефан Стегавик

Норвешкиот плејмејкер Стефан Стегавик имаше одлична сезона во тимот на ЕЛверум во Лигата на шампионите. Тој е сопруг на новата ракометарка на Вардар, Камила Херем, па за верување беше дека ќе потпише за некој од македонските клубови, но се уште нема разврска околу неговиот нов тим.