Сигурдсон: Европските репрезентации од нашата група се многу посилни од нас!

Денеска од 15 часот и 30 минути Македонската ракометна репрезентација ќе го стартува СП во Данска и Германија. Противник на “црвено-жолтите” ќе биде селекцијата на Јапонија на чие чело се неоѓа познато европско тренерско име, поранешниот селектор на Германија, Дагур Сигурдсон.

Двете репрезентации во Германија пристигнаа со различни цели, а целта на Јапонија е да стекне ново ракометно знаење и потребното искуство во пресрет на Олимписките игри 2020 година на кои тие ќе бидат домаќини.

“Тука сме да учиме и да стекнеме искуство за настап на Олимписките игри 2020 година”- вели исланѓанецот на јапонската клупа, Дагур Сигурдсон.
Според него сите европски репрезентации од групата Б се далеку посилни од Јапонија, иако напоменува дека последните тест средби на кои “самураите” ја совладаа Чешка и ремизираа со Полска ветуваат добар настап на СП.

“Европските тимови во нашата група се многу посилни од нас, но последните два пријателски натпревари ги одигравме позитивно”.

Македонија со оглед на искуството и ранкингот во светскиот ракомет несомнено атакува на првиот триумф на СП, а репрезентацијата на Јапонија е одлична шанса за такво нешто. Сепак, секој противник мора да се свати сериозно бидејќи и најмалото опуштање во нашите редови Јапонија ќе знае како да го казни.

Натпреварот Македонија-Јапонија се игра денес со почеток од 15 часот и 30 минути во Олимпијахале во Минхен.