Сензација на СП, Чиле ја „сруши“ Белорусија

Иако пред стартот на Мундијалот сите предвидуваа дека дебитантот Чиле ќе остане без победа, уште во првото коло добија демант. Селекцијата предводена од шпанската легенда Матео Гаралда, ја изненади искусната репрезентација на Белорусија и славеше со 32:28. Победата е уште поголема ако се знае дека е извојувана без најдобриот чилеански ракометар, Марко Онето.

Чилеанците на стартот го диктираа темпото и први се одлепија на 9:5, пред Белорусија со серија од 5:1 предводена од Каралек и Шилович, да стигне до 10:10. До крајот на полувремето се играше гол за гол, 14:14.

Во второто полувреме Белорусите го преземаа водството и стигнаа до највисоки 20:23 во 45 минута, па веројатно помислија дека се е готово. Но упорните Чилеанци не мислеа така, па по нерешените 26:26 во 53 минута, направија серија и поведоа со 28:26, а до крајот ги искористија и грешките на Кулеш и Шилович и го „затворија“ мечот со конечни 32:28 за прва сензација на Мундијалот.

Предводник на Чиле беше Родриго Салинас со 8 голови, неговиот брат Естебан даде 7, а Фојчтман постигна исто толку, додека кај Белорусија се истакна Артем Каралек со 10 голови, а Кулеш постигна 7 голови.

Фото: francehandball2017.com/PH.Montigny