СЕДМЕРЕЦ: Јадете ајвар!

Криштопанс го матира, Вардар го декласира Загреб  и леснo „плива“ во осминафиналето во ЛШ

1.Рецептот за успех

Дека во ЛШ нема да биде како во СЕХА, тоа им беше јасно на сите. Дека Вардар е фаворит против Загреб исто така. Ама дека вардарци ќе бидат толку супериорни, а Загреб немоќен во „Арена“, малку кој можеше да претпостави.

„Црвено-црните“ уште еднаш на голема сцена демонстрираа подготвеност, дисциплина, одлична одбрана и неверојатен тимски дух кога се проигрува и „со затворени очи“. И се победува со стил. И се решава осминафиналето во ЛШ буквално за петнаесетина минути.

Даинис Криштопанс уште на старт ги уплаши домаќините, а Дејан Милосављев ја доврши работата. И додека Загреб се мачеше да го погоди голот, а Бранко Тамше зацрвенет бараше решение за тоа што го снајде, Вардар елегантно се одлепи. Хрватскиот шампион неефикасен како што не бил одамна, постигна само три гола во првите 15 минути и уште три во вторите 15. А, Вардар веќе имаше +8 и го реши осминафиналето буквално за едно полувреме. Второто беше само рутина.

После загрепската пресметка и „деветката“ на крај, за вардарци рутински ќе биде и скопскиот реванш во сабота.

По натпреварот, Хрватите во шега го прашаа Иван Чупиќ, со што го хранат Криштопанс во Скопје. И добија одговор – со ајвар, со ајвар!

Изминативе години македонскиот ајвар се покажа како добар суплемент во ракометот. Ем вкусен, ем вносен. Еден куп играчи, па и тренери, токму откако дојдоа во Македонија блеснаа и се препородија. Од Вугринец до Канелјас, од Циндриќ до Борозан и Душебаев, па во Кил „отпишаниот“ Мораеш, Дисингер, Милосављев…долга е листата. Се разбира, тука е и споменатиот Даинис Криштопанс кој од несмасен џин со своите 215 см, што го препраќаа од Татран преку Доха до Брест,  „на ајвар“ стана еден од најбараните десни бекови во светот. Веќе купен од ПСЖ…

Јадете ајвар! Додека има…после е сезона на пиперки.

  1. Германци во Битола

Еве, во Битола изгледа веќе „има снемано“, па Еурофарм Работник едвај го истурка дуелот со Хановер во ЕХФ Купот.

Ракометна Битола долго чекаше „европски ракомет“, евоцирајќи ги омилените спомени она кога некогаш Пелистер го тепаше Лемго… Ама тоа остана таму некаде во деведесетите. Сега се некои други времиња.

Кратко траеше радоста на „фармацевтите“ по победата против Нексе, дојдоа Германците и не пропуштија ништо на случајноста. Ако на првиот меч во Хановер, Еурофарм Работник „загуби ама не се посрамоти“, на овој вчерашниот во Битола беше немоќен до двоцифреност.

Битолчани во своето деби во групната фаза во ЕХФ Купот остануваат на последното место, со „драгоцено искуство“ и со само една минимална победа од трите европски дуели што ги виде Битола пролетва. На Алушовски и на „фармацевтите“ од европската сезона им останува само уште дуелот со Татабања, резултатски небитен, а потоа ги чека домашниот плеј-оф, многу побитен во целите и плановите.

  1. Суперлигашка драма во два чина

Дека суперлигашката завршница пролетва ќе биде и битна и интересна за сите се виде уште во првите дуели. Јошко Петковиќ со Пелистер за малку ќе приредеше шок-терапија на добро познатиот терен во Автокоманда. На крај, Металург ги спаси бодовите на „искуство и кондиција“, со пресврт во завршницата. Искуството на Дупјачанец и головите на Танкоски, од бек се разбира, беа клучни во стартната победа, и тоа како важната за Металург и за Брестовац во одбраната на вицешампионската титула.

Драмата и неизвесноста не изостанаа ни во скопската плеј-оф пресметка. Пролет го победи Бутел и барем до комплетирањето на првото коло е прв на табелата. Можеби лидерската позиција нема доло да трае, ама меракот е голем. Оти, гостите дојдоа како фаворити, а Котевски само што кажа дека во дебитантскиот плеј-оф, Бутел на никого не му се плашат – и на прва, паднаа во „Пролеќе“.

Од Тинекс нека нарачуваат нова тура од ајварот. Среде пролет, па што!

3.Црногорките не се од Фарски

Ако е до ајварот, нека има на резерва. Ќе затреба пролетва и на репрезентативната трпеза. И кај ракометарите и кај ракометарките во борбите за место на ЕП и на СП.

Македонските ракометарки ја одработеа неделата на ЕХФ и ја победија Црна Гора! Колку и да се дуелот контролен, а противникот некомплетен, за македонските ракометарки и за целиот стручен штаб оваа победа е огромна сатисфакција за целата мака и за секоја капка пот во изминатите години. И најдобар доказ дека вреди трпението кога си на прав пат.

Да не заборавиме, пред 2-3 години, „до небо“ и се радувавме на онаа прва победа против Фарски Острови после долгиот пост.

Сега македонските ракометарки играат и ја победуваат Црна Гора.  Нека е и пријателски, Црногорките и Пер Јохансон и по рејтинг и по квалитет се многу повеќе од Фарски.

И добро е што пред баражот за СП, Симовски одбра сериозен наместо ревијален противник и ги стави ракометарките пред сериозен тест. Ако можат со Црна Гора, ќе можат и со Словенија во баражот за СП. Нема да биде лесно, но не е ни невозможно.

„Не се плашам од противникот, стравувам од нас…“, капитенски предупреди Елена Ѓорѓиевска.

Сега веќе од нас зависи. А, тоа е уште еден голем чекор напред.