Екипата на Вардар сезонава првпат губи на домашен терен. После двата порази од Келце (Лига шампиони) и Мешков Брест (СЕХА-лига) сега следуваше тешка средба на која екипата на Барселона успеа да го диктира темпото во сите 60 минути.
Ретко кој тим успеал вака да одигра во Скопје во салата во СЦ „Јане Сандански“ и сосема извесно е дека Вардар не успеа да се снајде.
„Мораме да и честитаме на Барселона за победата. Ова беше пораз за нас кој е резултат на големиот број на технички грешки, како и многуте промашени шутеви и тоа од лесни позиции. Ова беше тежок натпревар. Моите ракометари се бореа во текот на сите 60 минути, но тоа не е доволно. За да се добие екипата каква што е Барселона грешките мора да бидат сведени на минимум“, изјави Парондо.
Тој ќе има тешка задача за да го врати тимот на потребното ниво пред гостувањето во Шпанија каде задачата ќе биде далеку потешка бидејќи тогаш Барселона ќе игра пред своја публика.


