Во првиот натпревар на финалниот ден, Работник и Пелистер го одиграа првото градско дерби во рамките на мечот за петтото место. Работник беше поуспешен и го освои петтото место на овогодинешното 44-то издание на струшкиот ракометен турнир.
Единственото водство на натпреварот Пелистер го имаше во првата минута, но по пет неизвесни и изедначени минути составот на Марковски и Зарков ги превзема конците во свои раце. Ракометарите на Работник во 15-та минута имаа четири погодоци предност, а разликата од три погодоци го одбележа продолжението на натпреварот.

До крајот на првото полувреме Пелистер ја намали разликата на само еден гол, 12-13, но по паузата Работник повторно се оддалечи на +4, разлика која ја задржа до самиот крај. Во последните две минути ракометарите на Работник имаа пет погодоци предност доволно за победа и освојување на петтата позиција на ракометниот турнир во Струга. По шеесет одиграни минути, Работник беше поуспешен со конечен резултат 20-25. Барос и Караиванов со шест беа најпрецизни кај Работник, додека Чантурија беше најпрецизен во составот на Пелистер со пет погодоци.


