Ракометарите на Пролет, иако и пред ова последно коло од Суперлигата беа веќе промовирани како патници во плеј-офот, сепак мораа да го потврдат тоа на теренот против Прилеп.
Момците на Матлиески славеа над кадетско-младинскиот гостински состав со убедливи 40-24. Но и домаќините играа со Андоновски, Мајнов, Кимевски, браќата Василевски само во почетните минути.
Победникот беше решен уште по првото полувреме кога Пролет поведе со шест голови разлика, 19-13, а крилата Трајковски и Ролевски се изнатрчаа во контранапади.
Во вториот дел гостите ги стигна заморот, па продолжија уште полесно да ги губат топките во нападот, а нивните грешки беа казнувани со погодоци во мрежата на Илиески и Ангелески.
Најдобри стрелци во домашниот тим беа Ролевски со 11 погодоци, како и Александар Василевски и Иван Џонов со по четири голови. Кај гостите од Прилеп се истакна Ѓероски со четири погодоци.


