Поделба на пленот во „Кале“: Вардар Јуниор и Прилеп одиграа нерешено

По трумфот во градското дерби на ракометарите на Пелистер над Еурофарм Работник, екипите на Вардар Јуниор и Прилеп го одиграа вториот натпревар од 11 коло во Супер лигата во СРЦ „Кале“. Во не толку квалитетен, колку што интересен натпревар, Вардар Јуниор и Прилеп ги поделија бодовите, 30:30. Во првиот дел се играше најчесто гол за гол, се додека домашната екипа не поведе со 9:7 во 15 минута. Гостите намалија на 9:8, но потоа тргна домашната серија од три голови, за предност од 12:8.

varpri-8

Томе Петрески викна тајм-аут за Прилеп, и неговите ракометари заиграа подобро и во одбраната и во нападот. Намалија прилепчани на 12:11, а до крајот на полувремето, вардарци сепак го задржаа голот позитива и на пауза се замина со предност за момците на Столе Петрушевски, со 16:15.

varpri-5

На стартот на второто полувреме продолжи играта гол за гол, со тоа што Прилеп во 40 минута поведе со 20:19. Иако тренерот Петрушевски се обиде со фластер да го затвори најдобриот гостински играч Орјоноидѕе, сепак дургите ракометари на Прилеп погодуваа и во 45 минута стигнаа и до плус два гола предност, 23:21.

Прилеп водеше и со 24:22, но двете интервенции на голманот Филип Ивановски, им овозможија на домашните ракометари да стигнат до реми, 24:24 во 48 минута. Серијата на Вардар Јуниор продолжи и тие поведоа со 25:24, што беше причина за тајм-аут на Томе Петрески.

varpri-6

Во 50 минута, Кристијан Анастасовски стартуваше грубо над јадобриот прилепски играч Орјоникидѕе, кој мораше да оди надвор од теренот. Прилеп поведе со 26:25, а Тренчевски имаше шанса пак да донесе плус два, но Ивановски одбрани. Вардарци промашија, а казната ги стигна преку Бозароски за нова предност на Прилеп за 27:25.

varpri-9

Вујачиќ донесе ново реми, 27:27 во 55 минута и се мораше да почне од нула. Бозарсоки беше прецизен на другата страна, но и Тоше Ончев погоди за 28:28. Младиот Ончев испрати уште една бомба во голот на Рајчиќ, и повторно беше реми 29:29. Гостите беа под пасивен напад, но од мртов агол погоди Петкоски, за во следната акција домашните да израмнат на 30:30 на 30 секунди до крајот.

Прилеп имаше шанса да стигне до победа, но шутот на Орјоникидѕе го одбрани голманот Ивановски., иако впечатокот е дека таа топка требаше да остане во посед на Прилеп, бидејќи еден о вардарци играше со неа во полето од шест метри. Домашните преку Ристов исто така се обидоа да стигнат до победники гол, но пречката беше сојузник на Рајчиќ и на прилепчани, па мечот заврши со поделба на бодовите, 30:30. Најдобар стрелец во домашниот тим беше Вујачиќ со 8, а Поповски даде 6, додека кај гостите се истакна Бозароски со 9, додека најдобриот играч на Прилеп, Орјоникидѕе постигна 7.