Победа за Норвешка и нов чекор кон полуфинале

Селекцијата на Норвешка им зададе удар на ракометарите на Шведска и со победа од 30:27 се избори за нови два бода со кои влезе во битка за пласман во полуфиналето. Според ситуацијата сега три селекции имаат по шест бода, па постои веројатност после средбите в среда да има три репрезентации со по осум поени и мини табела да решава за пласман во полуфиналето.

Од почетокот на средбата Норвежаните беа во постојано водство со еден погодок, а тоа постојано беше неутрализирано од страна на Швеѓаните. Тие успеваа да се држат во резултат кој им даваше можност за добро продолжение, но неизвесноста траеше до крајот на првиот дел. После 8:7 за Норвешка, Швеѓаните со два гола го свртеа мечот во своја корист и во игра гол за гол беа во позитива до 13:12. Тука следуваа два гола за Норвешка, па потоа еден од Шведска за израмнување на 14:14.

Финишот од првото полувреме беше за Норвежаните кои со три гола по ред отидоа на одмор со 17:14.

Вторите 30 минути стартуваа со далеку подобра игра на Норвешка. Неколку гола во серија и добрата одбрана овозможија да се дојде до плус седум гола и водство од 22:15 што беше најголема преднсот на мечот. Сепак, кога требаше да се исконтролира оваа разлика и мечот да се однесе во убедлив триумф дојде до неколку грешки и пад, па противникот се врати во средбата и дури во финишот стигна до два гола негатива. Резултатот од 26:28 им даваше надеж на Швеѓаните, но не успеаја ништо повеќе, па мораа да се помират со пораз од 27:30.

Магнус Јондал со дури 11 погодоци од 12 обиди беше далеку најефикасниот играч на средбата, додека лидерот на Норвежаните, Сандер Сагосен го заврши мечот со седум гола. Во Шведска по пет гола имаа Хампус Ване и Андреса Нилсон.

Според ситуацијата на табелата пред одигрувањето на средбата Данска – Египет три селекции се со по шест бода. Во случај да нема изненадување и Данска да слави против Египет тогаш домаќинот ќе има осум бода. Оттаму може математиката да има голема улога в среда кога се игра последното коло.