Ракометарот на Вардар, кој настапува на позицијата десен бек, Даини Кристопанс го стави потписот на договор со тимот на ПСЖ, а клубот веќе го објави неговото доаѓање така што Раул Гонзалес добива играч кој добро го познава.
Кристопанс, сепак, ќе го одработи договорот со Вардар до 2020 година, а потоа ќе се пресели во редовите на ПСЖ. Договорот со ПСЖ му станува активен дури следното лето, па нема опасност за „црвено-црните“ бидејќи тој ќе биде играч на Вардар и до крајот на овој шампионат и во следниот. Инаку, потпиша на три години со шампионот на Франција.
„Воодушевен сум што одново ќе имам можност да соработувам со Раул Гонзалес. Тој е еден од најдобрите тренери во светот и стратег кој веруваше многу во мене кога ме побара да дојдам во Вардар. Драго ми е што отворам ново поглавје во мојата кариера и што ќе имам можност да бидам дел од голем проект“, изјави Кристопанс при денешното промовирање во Париз.

Во ПСЖ се задоволни што успеале да го донесат ракометарот на Вардар. Воедно коментираат дека ќе имаат одличен двоец на позицијата десен бек.
„Заедно со Недим Ремили, Кристопанс ќе претставува одличен тандем. Се работи за ракометар кој е со доста корпулентен, но сакавме ваков играч кој е нетипичен така што очекувам да бидеме уште посилни со него“, коментираше оперативниот директор на ПСЖ, Жан Клод Блан.
Сепак, фановите на Вардар нема потреба да стравуваат. Тој ќе го одработи комплетниот договор со Вардар, па потоа ќе си замине, а ова значи дека „црвено-црните“ ќе имаат доволно време за да можат да ангажираат нов играч на позицијата десен бек.


