Вардар покажа дека дојде во Букурешт по подобар резултат и успеа тоа и да го оствари. Во последниот меч од 8-то коло во Лигата на шампионките, Вардарки успеаја да ги соберат двата бода од Букурешт и да ги донесат во Скопје, со тоа и да се зацврстат на третата позиција во групата 2.
Дуелот меѓу Букурешт и Вардар започна со по едно промашување и на двете страни. Во втората минута од мечот, домаќинките го постигнаа првиот гол, за потоа вардарки да го превземат водството. Вардар наметна едно темпо,една брза игра во која романките не се снајдоа.
Иако имаше многу технички грешки и на двете страни, сепак во првите 10 минути ракометарките на Вардар ја имаа предноста од 2 гола (5:3). По 18 минути игра, со погодокот на Кликовац под пасивен напад, Вардар ја зголеми предноста на 5 голови (11:5).
Во самиот финиш од првото полувреме, Дамњановиќ ја заработи втората суспензија, а вардарки заминаа на одмор со 6 голови позитива (11:17). Резултатски ова беше најдобро полувреме на Вардар во гости.
Второто полувреме не започна баш најдобро за црвено – црните. Романките за 90 секунди постигнаа 2 полесни голови. Сепак некако вардарки успеваа да го задржат водството од 6 голови се до 38 минута. Со ракометарка помалку домаќините постигнаа гол за намалување на минус 3 (17:20).
На 15 минути до крајот од натпреварот, Бесоа ја забележа и својата 11 интервенција, и со тоа романките успеаа да направат серија од 2-0 со што повторно ја намалија предноста на Вардарки.
По тајм – аутот што го побара Кастратовиќ, Черноиваненко успеа да го постигне првиот гол на натпреварот и со тоа да ги врати црвено-црните на позитива од 4 голови (20:24).
До самиот финиш иако имаа неколку шанси да ја намалат предноста на вардарки, романките само успеваа некако да се одржуваа во живот за разликата да не биде поголема од +5. На крајот Суслина со фантастична интервенција му донесе победа на Вардар со резултат 25:30.
Најефикасна во тимот на Вардар беше Лекиќ со 8 голови, додека во романскиот тим покрај одличната Бесоа која забелажа 13 интервенции, најефикасна беше Торстенсен со 5 погодоци.


