Првата контролна средба на Македонија во подготовките за Европското првенство во Хрватска заврши со убедлив триумф од 37:21, а она што е значајно и одлично е дека дури 13 ракометари успеаја да се запишат меѓу стрелците.
Кире Лазаров доби одлична поддршка од колегите коишто одлично се снајдоа на првата контрола и потврдија дека играта на Македонија ќе биде поинаква од досега.
Најефикасни на средбата против Саудиска Арабија беа Филип Талески и Гоце Ојлески кои постигнаа по пет погодоци. Зад нив останаа: Поповски (4), Манасков (3), Кире Лазаров (3), Никола Маркоски (3), Георгиевски (3), Кузмановски (3), Стоилов (2), Пешевски (2), Велковски (2), Филип Лазаров (1) и Миркуловски (1).
Меѓу стрелците ги немаше само Ацо Јоноски и Велко Маркоски кои се главно со дефанзивни задачи и незаменлив дел од играта во одбраната.
Ова беше и одлична најава за втората контрола која ќе биде одиграна утре од 18 часот. Се работи за далеку посериозен противник, кој е и далеку посилен. Србија исто така се подготвува за Европското првенство, а ќе биде во далеку посилен состав отколку на турнирот во Швајцарија каде претрпе два порази.
Тоа значи дека утре ракометарите ќе имаат можност уште еднаш на дело да ги покажат квалитетите и секако играта која што Раул Гонзалес ја планира за шампионатот во Хрватска особено за првиот круг кога мора да се брка пласман за втората рунда.


