Младинците на мегдан со Португалија, победа носи „виза“ за Алжир

По убедливата победа над Полска со 30:22, младинската репрезентација на Македонија оди на мегдан со Португалија, која беше исто така убедлива во првото коло против Турција (40-27). Избраниците на Илија Темелковски со одлична игра во одбраната не им оставија ниту малку надеж на Полјаците дека ќе можат да стигнат до позитивен резултат, но тој триумф нема да има голема важност, доколку не се совлада и противникот од Пиринеите.

„Сметам дека сме доволно сериозни и искусни, ќе го забориме натпреварот со Полска, тоа е веќе зад нас. Полска ни го отвори патот, но не смее да нè фати еуфорија, мора да бидеме трпеливи, паметни, со мирни глави и со победа против Португалија да обезбедиме пласман на СП во Алжир.“ – вели селекторот Темелковски.

Доколку Македонија забележи победа над Португалија, сигурно ќе заврши прва во квалификациската група и третиот дуел со Турција нема да има никаква важност. Дуелот против Португалците се игра во СРЦ „Кале“ со почеток во 17:45 часот, а влезот е слободен за сите љубители на ракометот.