Завршната прес-конференција во регионалното натпреварување, челниците на СЕХА лигата ја искористија да ги соопштат одлуките околу огранизацијата и структурата на ова натпреварување. Меѓу позначајните заклучоци, продолжување на договорот со Гаспром, постигнување на договор со словенечките екипи, како и одлуката за промена во структурата на ова натпреварување ги соопшти претседателот на СЕХА, Михалјо Михајловски, кој беше придружуван на прес-конференцијата од претставникот на Гаспром, Александр Мешков, директорот на СЕХА лигата и двајцата потпретседатели. Меѓу оние кои говореа беше и генералниот секретар на ЕХФ Михаел Видерер кој имаше пофални зборови за регионалното натпреварување.
Михалјо Михајловски, претседател на СЕХА Гаспром лига:
Пред нас е петтиот Фајнл Фор, во рамките на овој викенд одржавме собрание на СЕХА лига во која донесовме неколку важни одлуки. Имаме желба постепено да се приближиме до Бундеслигата и да покажеме дека во регионот се игра одличен ракомет. Како потврда за тоа е нашата соработка со светскиот гигант Гаспром. Голема чест ни претставува тоа што имаме таков спонзор кој нè следи и се радува на сите успеси кои ги постигнуваме.
Ние практично имаме сличен принцип на натпреварување како Лигата на шампионите. Имавме желба, ентузијазам и визија како да создадеме ваква лига, но без вистински спонзор немаше да успееме. Големо задоволство е да кажеме дека меѓу осум екипи од Лигата на шампионите имаме три тима од СЕХА лига, тоа е голем успех за нашата лига, а на самото тоа ако се додаде фактот што Брест Мешков се пласираше меѓу 16 -те најдобри, Татран, Војводина и Металург играа во групната фаза, а Борец во квалификациите на Лигата на шампиони зборува за квалитетот на нашето првенство. Чест ни е да ви соопштам дека на редовното собрание го продолживме договорот со Гаспром до 2020 година, сега обврска ни е не само да се доближиме туку и да бидеме подобри од германската лига.
Новина која произлезе од овој состанок е одлуката од наредната година СЕХА лига да одлучува која екипа ќе добие повик за настап во регионалното натпреварување, без разлика на пласманот во домашниот шампионат.
Меѓу гостите кои ќе го следат овој СЕХА викенд ќе биде и пријателот на регионалното натпреварување, генереалниот секретар на ЕХФ која ја даде својата поддршка за овој проект.
Михаил Видерер, генереален секретар на ЕХФ:
Виена не е далеку од Вараждин, но Виена не е далеку ниту од СЕХА лига, клубовите кои настапуваат тука се интегрален дел од европската федерација. Благодарни сме за издигнување на ракометот од регионот на повисоко ниво, а резултатите се во корист на сите нас. Ние ја поддржуваме СЕХА лигата и ќе продолжиме да ја поддржуваме и во иднина.
Спонзорот на СЕХА лигата, преку својот претставник Алексадр Мешков се заблагодари за постојаниот раст на регионалното натпреварување.
Алексадр Мешков, претседател на супервизискиот борд на Гаспром:
Сакам да му се заблагодарам на директорот на СЕХА лигата за организација на овој Ф4. Морам да забележам дека не стоиме во место, но растеме од ден на ден. Ние како спонзори сме задоволни заради тоа. Подготвени сме да го предадеме новиот договор на СЕХА лигата до 2020 година. Денес разговаравме и за развојот на СЕХА лигата во иднина, и на мое огромно задоволство ги имаме истите размислувања за растот на регионалната лига.


