Металург победнички ја започна одбраната на титулата!

Со натпреварот меѓу Металург и Радовиш, започна плеј-оф фазата од македонскиот шампионат. Актуелниот македонски првак во изменет состав ја дочека завршницата на Супер лигата, а првиот официјален натпревар пред својата публиката во Автокоманда беше вистински тест за можностите на Металург.
РК Металург 26-20 РК Радовиш (16-13)
FLP_8381
Голубовиќ го искористи првиот напад на Металург за почетно водство на „сино-белите“. Лино Червар започна со помладата бековска постава предводена од Талевски, Војводиќ и Голубовиќ и искусните Ојлевски и Џукиќ на крилните позиции. Ракометарите на Радовиш ги искористија сите грешки во нападот на домаќините и со два гола од контра-напад преку Блажевски ја завршија серијата од 3 голови во низа за предност од 1-3. Неизвесноста на натпреварот траеше до 16-та минута кога за прв пат на паркетот во Автокоманда влезе Раде Стојановиќ при резултат 7-9 за гостинските ракометари. Куковски и Стојановиќ ја доведоа потребната стабилност во одбраната на Металург, додека одличниот голман на Радовиш немаше решение за ударите од далечина на Стојановиќ.
FLP_8385
Во 23-та минута најискусниот ракометар во редовите на Металург го изедначи резултатот на 11-11 и ја започна серијата на македонскиот шампион од 4 голови во низа која ја заврши Вргоч за 14-11. Разликата од три погодоци домаќините ја одржуваа до самиот крај на полувремето за конечни 16-13 по триесет минути игра.
FLP_8340
Металург го постигна првиот гол и во второто полувреме, Бувиниќ за прв пат на натпреварот беше прецизен за четири погодоци предност 17-13. Домаќините постепено го зголемуваа водството, а највисоката предност ја имаа во 46-та минута кога Маџовски ги постави највисоките 22-16. Ракометарите на Радовиш последен обид да се приближат до водството на Металург имаа во средината на вториот дел. Во 51-та минута резултатот на семафорот покажуваше три голови предност за македонскиот шампион, 22-19. Последните пет минути им припаднаа на домаќините кои со серија од 4-1 го решија прашањето околу победникот. Жарко Пешевски го заокружи овој дуел со гол во последната секунда од натпреварот за конечни 26-20.
FLP_8356
Најпрецизни во екипата на Металург беа Стојановиќ и Џуќиќ со по пет погодоци, а за Радовиш Миле Ордев погоди седум пати.
ФОТО:ФИЛИП ВИРАНОВСКИ