Првиот избор за голот на екипата на Металург, Мартин Томовски е во центарот на вниманието веќе извесен период, а добрата игра од стартот на сезоната е причина да се најде на мета на повеќе екипи од Европа.
Дека има заинтересираност за него веќе е познато, а тоа денеска беше потврдено и од страна на тренерот на тимот, Данило Брестовац.
„Халил Јагањац не е единствениот играч за кого постои заинтересираност за ангажман. Постои голем интерес и за другите ракометари. Најголемиот е за Мартин Томовски за кого имаме понуди од 3-4 екипи. Исто така има интерес и за Марио Танкоски“, коментираше тренерот Данило Брестовац.
Засега имињата на клубовите не се откриваат, но наскоро може да има и нови моменти, па да биде јасно дали и тој би можел да ја напушти екипата од Автокоманда после Кузмановски и најверојатно Јагањац.


