Македонија очекувано поразена во Тулуз: Франција обезбеди учество на Европското првенство 2016!

Македонската ракометна репрезентација денес во Тулуз е убедливо поразена од репрезентацијата на актуелниот светски шампион, репрезентацијата на Франција, со резултат 35-24. Со овој пораз Македонија останува на третата позиција во квалификациската група 6 за Европското првенство 2016.
Франција 35-24 Македонија (17-10)
Слично на натпреварот во Скопје, репрезентацијата на Македонија имаше резултатска рамноправност во првите 10 минути. Селекторот Онеста се одлучи за најсилниот состав, со две измени, онаа тактичката со помладиот Карабатиќ на пикерската позиција во нападот и онаа принудната со Ди Панда на местото на повредениот Бараше. Во практика Лука Карабатиќ немаше голем успех против македонската одбрана, затоа пивотот на Барселона, Седрик Сорендо заедно со десниот бек Порте играа во нападот на Франција од средината на првиот дел.
Сè одеше по планот на Французите, до 15-та минута создадоа предност од три голови, 8-5, во 20-та Џоли од пенал ги постави првите шест голови разлика, а во 27-та минута Сорендо со својот прв гол ги донесе највисоките осум голови предност за домаќините 16-8. Првото полувреме заврши со резултат 17-10.
По две минути игра во вториот дел, Македонија преку Стоилов и Лазаров намали дел од високото водство на Олимпискиот првак за 17-12. Предноста од пет голови француските репрезентативци ја одржуваа до 38-та минута, кога Онеста одлучи да ги одмори најдобрите француски играчи. Македонските ракометари ја искористија некоординираноста на теренот и во 42-та минута преку Прибак повторно се приближија на три голови разлика. Затоа францускиот селектор мораше да ги врати во игра клучните ракометари предводени од Карабатиќ. Токму најдобриот светски ракометар беше иницијатор на нова серија за Франција која им ја осигура победата. Со серија од 8-1 во 10 минути игра Франција дојде до првата двоцифрена предност, 30-20. Кога веќе беше решено прашањето околу победникот, македонскиот селектор Обрван за прв пат во игра ги внесе младите Костески и Талевски. Во 56-та минута Н’Гесан ја донесе највисоката предност на мечот од 12 погодоци за 33-21, разлика која се задржа до самиот крај. Точка на натпреварот стави Пешевски со својот втор гол за конечни 35-24.
11140359_10153217419508903_3532125923238577747_n
Најпрецизен на теренот беше Кирил Лазаров со 9 погодоци, додека кај Французите Карабатиќ постигна шест.
Франција обезбеди настап на ЕП2016 како прва во групата 6, додека Македонија се наоѓа на третото место со два бода помалку од Чешка.
За да обезбеди пласман во Полска, македонската селекција покрај потребните победи против Швајцарија и Чешка, ќе мора да го очекува и расплетот од натпреварот меѓу Чешка и Франција.

ФОТО: С.Пилауд (S. PIllaud/FFHB)