Мавсар: Посакувам со Вардар да освојам европска титула

Една од најдобрите словенечки ракометарки, Тамара Мавсар, ќе биде дел од дуото на лево крилната позиција на македонскиот првак Вардар. Мавсар иако е реалтивно млада, има големо искуство од настапите со Крим во Лигата на шампионите, како и со словенечката репрезентација, па несомнено ќе донесе нов квалитет во играта на тимот на Индира Кастратовиќ. За тоа како се снаоѓа во Вардар и во Скопје, за очекувањата од Лигата на шампионите, Мавсар говори за 24ракомет.

-Кои се твоите импресии од едномесечниот престој во Вардар?

Па беше тешко на подготовките, но мора да се издржи, ова е фаза која никој не ја сака. Но сега сум среќна што сме комплетни и што ќе можеме да тренираме малку шест на шест. Досега се е супер, се надевам дека тренинзите ќе бидат уште подобри сега откако се комплетиравме.

-Која е разликата меѓу Крим и Вардар?

Во Вардар играат посикусни ракометарки отколку во Крим. Се гледа уште од старт дека се работи за сериозен проект, сериозен клуб, и можеби таа е најголемата разлика во споредба со мојот претходен клуб.

-Имате релативно лесна група во првата фаза од Лигата на шампиони. Што може да очекуваме, кој е најголем фаворит за освојување на титулата?

Има доста силни екипи, Ѓер, Будуќност, ЧСМ Букурешт, тука нормално е и Вардар. Секој меч е тежок и различен. Јас се надевам дека групната фаза ќе ја завршиме на првото место за да имаме полесен пат до Ф4, но во ЛШ нема лесни противници и на секој меч ќе мораме да даваме максимум за да победиме.

-Која беше причината да се преселиш во Вардар?

Вардар ја посакува европската титула, а истото го сакам и јас, па се надевам дека уште оваа сезона ќе ми се оствари таа желба.