Лазаров со „илјадарка“ за нова историја…

Историјата на ракометот ќе го памети Кирил Лазаров како првиот ракометар кој постигнал 1000 погодоци во елитната Лига на шампионите. Во својата 15-та сезона капитенот на македонскиот национален тим, во дресот на Барселона успеа да стигне до импресивната бројка од 1000 погодоци.
Моментот за историјата се случи во завршните моменти од натпреварот на Барселона против Пик Сегед во рамките на третото коло од група Б, а македонскиот интернационалец со својот петти гол стана првиот играч на кој тоа му успеало во елитното натпреварување.
По соборување на рекордот по постигнати погодоци на Светското и Европско првенство, Лазаров прв ја додаде бројката од 1000 постигнати голови во Лигата на шампионите како дел од своите достигнувања и како показател за успехот кој го следи во неговата кариера.