Екипата на Нант каде настапува Кирил Лазаров, вечерва ја продолжи својата серија на победи и во домашното првенство го совлада Истр со 39-31. Тренерот на Нант, Тјери Анти одлучи макку да ротира, па поради тоа, нашиот капитен доби помала минутажа и постигна еден гол.
Домаќините, кои беа големи фаворити на дуелот, започнаа на нивното препознатливо ниво и од стартот наметнаа своја игра. По 2:2 во првите четири минути, Нант започна да го толчи противникот. Десет минути подоцна стигна до 11:6, а до крајот на приот дел со одлична игра дојде и до 20:12. Со овој резултат се замина на пауза.
Во вториот дел, Нант влезе малку поопуштено. Домаќините се уште имаа висока предност, благодарение на одличниот прв дел, а Истр никако не можеше резултатски да се доближи, па на крајот Лазаров и соиграчите забележаа висок триумф.
Победникот на натпреварот беше предводен од Валеро Ривера кој даде 12 голови. Кевин Бонефоа одбрани 15 удари, а на спротивната страна се истакна, Николас Боси со шест голови. Бидејќи ПСЖ победи во својот натпревар, тимот од Париз е се уште прв, додека Нант остана на второто место. Истр е закопан на дното со само два освоени поени.


