Квалификации за ЕП Полска 2016: Чешка го превзема второто место од Македонија!

Во квалификациската група на Македонија, покрај Олимпискиот, Светски и Европски шампион Франција, битка за ЕП во Полска водат Чешка и Швајцарија.
Чешка во Плзен се сретна вторпат за 4 дена со селекцијата на Швајцарија. Домаќните уште на почетокот на натпреварот создадоа предност од 2-0, која ракометарите на Швајцарија до седмата минута ја анулираа. Сепак расположените домаќини ја вратија предноста во свој посед, а во 20-та минута имаа предност од 5 погодоци разлика, 12-7. Последините 10 минути од првиот дел им припаднаа на Швајцарците, од 23-та минута постепено го намалуваа високото водство на домаќите и на секој гол на Чешка тие одговараа со два. На полувремето се отиде со резултат 15-13 за домашните ракометари.

Во вториот дел Чесите ја зголемија предноста до 19-14 во 38-та минута, но Швајцарците од 40-та минута одиграа поконцентрирано и успеаа да внесат неизвесност во овој меч. На десет минути пред крај резултат беше 22-20. Разликата од два гола ја оддржуваа до 52-та минута кога со три погодоци во низа, Чесите се оддалечија на највисоките пет разлика, 28-23, за крај на надежите за Швајцарија. Со конечен резултат 29-25, репрезентацијата на Чешка се позиционираше на второто место пред последниот дуел од 4-то коло меѓу Франција и Македонија.
Најефикасни беа Здрахала за Чешка со 9 голови и кај гостите Раеми со 5 погодоци зад своето име.
По некомлетното четврто коло води Франција со осум бодови, пред Чешка со пет и Македонија со три. Репрезентацијата на Швајцарија ги загуби сите шанси да се пласира на Европското првенство 2016, а останатите два натпревари против Македонија и Франција во јуни ќе бидат само формалност за крај на овој квалификациски циклус.