Репрезентативките на Македонија до 17 години после поразот од Полска се најдоа во разигрувањето за пласман од 5. до 8. место, а прв противник беа ракометарките на Турција против кои нашите кадетки остварија убедлива победа од 36:25 со што се избори за нов дуел против Белорусија, утре во 12 часот.
Почетокот на натпреварот беше многу израмнет и ефикасен. Веќе во 10. минута резултатот беше 8:8. Следуваше период на игра без погодок во кој двете екипи правеа грешки во нападите. Нашите репрезентативки први ја надминаа кризата и во продолжение погодија двапати во серија за водство од 10:8 во 18. минута.

Кризата во нападот на Турција траеше скоро десет минути, а единствена причина беше добрата игра во одбрана на Македонија. Во продолжение Турчинките направија уште неколку грешки што нашите ракометарки го искористија преку брзи контри за одлично водство од 14:10. Највисоката предност беше 16:11 но репрезентативките на Турција со добра игра во финишот ја намалија негативата на само два гола, па на полувреме Македонија имаше предност од 17:15.
Кадетките од Македонија го почнаа одлично вториот дел и веднаш го вратија водството од четири гола. Ритамот беше одличен и по десет минути игра беше 24:18. Тоа беше предност која најавуваше победа на натпреварот, а со сигурна игра и реализација нашите кадетки успешно ја одржуваа предноста од шест гола.

Во 52. минута Македонија стигна и до највисоката предност 30:23, со што практично беше решен победникот. До крајот на натпреварот одработеа рутински, а предността продолжи да расте за конечна победа со двоцифрена разлика од 11 гола, 36:25.
Уште еднаш одличен настап имаа Ангела Јанкуловска која постигна седум гола и Андреа Седлоска која беше прецизна шестпати од кои пет во вториот дел. Во противничкиот тим најефикасна беше Јапичи со десет гола.
МАКЕДОНИЈА – ТУРЦИЈА 36:25 (17:15)
МАКЕДОНИЈА: Грујовска, Трајкоска, Петреска, М. Ѓорѓиевска 1, С. Ѓорѓиевска 2, Белевска 3, Јовановска, Џатевска 3, Гроздановска 1, Јанкуловска 7, Костовиќ 1, Миновска 1, Седлоска 6, Коларовска 4, Петковска 4, Дамјаноска 3.
Седмерци: 2/3, Исклучувања: 10 мин.
ТУРЦИЈА: Чифчи 1, Гунгер, Чесур 1, Јурчу 3, Кесе 3, Ездемир, Челик 3, Касапоглу, Јапичи 10, Икиахирли, Гокдемир, Тезчан, Карарслан 2, Чоксунсу, Тузус 2, Ездеммир.
Седмерци: 3/4 Исклучувања 6 мин.


