Машката кадетска репрезентација на Македонија и понатаму работи во Струга каде што се подготвува за Светското првенство кое од 6 до 18 август се одржува во Скопје, а сите ракометари кои се на списокот на селекторот Данило Брестовац се во посакуваниот ритам така што залетот за Мундијалот е веќе фатен.
Остануваат уште два дена работа во Струга, а потоа ќе следува мал одмор и викенд преселба во Маврово каде што ќе биде одработена втората фаза од тренинзите.

Засега се работи според планот, па сега следува кревањето на формата и темпирањето на истата за Светското првенство кога ќе треба да се покаже најдоброто од можностите од сите ракометари.

Инаку, со оглед на тоа што Македонија е домаќин селекторот Брестовац заедно со своите помошници ќе има нешто олесната задача кога се во прашање ракометарите бидејќи ќе може да смета на сите кои се пријавени со оглед на тоа што сите ќе бидат тука да влетаат во комбинација доколку е потребно.


